Овошјето стана изгор скапо и недостапно за многу македонски семејства. Слична е состојбата и со зеленчукот кој за една година поскапел за 13 отсто, а храната за 5 отсто. Граѓаните ги боли глава од актуелните цени на овошјето во маркетите кое за една година поскапело за 26,5 отсто. Црешите се продаваат по 1.360 денари за килограм, јаболката од 70 до 100 денари за килограм, банани над 100 денари, цитроните по 130 денари килограм. Цената на јагодите се движи од 130 до 150 денари за килограм, крушите се 140 денари, праските 600 денари за килограм, лубеницата 100 денари, грозје 450 денари за килограм…. Ова се цените на дел од овошјето во маркетите, но и цените на зеленчукот и на другите производи не се ништо подобри. Така на пример чоколадо од 80 грама се продава за 120 денари, а кафето од 180 грама од 119 денари стана 160 денари.
Откако на крајот на април заврши мерката за замрзнати маржи, цените буквално полудеа, а купувачите секојдневно се шокираат од новите поскапувања во маркетите.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека за да се задржи стандардот на граѓаните мора под итно да се преземат мерки, како повторно замрзнување на маржите или раст на платите.
– И ова лето, како и лани, не се очекува позначајно намалување на овошјето и зеленчукот и ќе имаме цени како во зима. Веќе немаме сезонско овошје, бидејќи и кога е сезона цените не се симнуваат. Станавме како европските држави каде што овошје и зеленчук има во текот на целата година, но е скапо. Домашните производи станаа подеднакво скапи како увозните, авокадо, ананас, кокос…Но, за разлика од Европејците, нашите граѓани немаат толкави плати за да си ги дозволат овие производи, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.
Според него, со овие плати голем дел од македонските семејства нема да можат да си дозволат да купат овошје и зеленчук. Затоа под итно треба да се свика седница на Економско социјален совет и да се види какви мерки да се преземат.
-Дали ќе се зголемат платите и цените ќе останат исти или платите ќе останат исти, а Владата ќе донесе нови мерки како замрзнување на маржите. Во секој случај со овие цени на храната Владата мора под итно да реагира за да се задржи стандардот на граѓаните, појаснува Радовски.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека ќе има поригорозни мерки ако има енормно зголемување на цените.
-Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата односно ова што го имавме сега како мерка, може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи кои се и по 60 денари поскапи откако заврши мерката министерот Дурмиши рече дека прво треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да ги извести за секторот во Министерството за економија да направи анализа кои построги мерки да бидат донесени.
Производителите, трговците и дистрибутерите, пак само си ја префрлаат топката за тоа кој е виновен за поскапувањето. Трговците тврдат дека не се виновни за новите цени и прстот го вперуваат во производителите и дистрибутерите.
Освен цените на овошјето и зеленчукот зголемени се и цените на маслото за јадење, јајцата, млекото, сирењето, газираните и негазирани сокови, како и на хигиенските производи.
Она што најмногу загрижува е фактот дека најтешкото допрва доаѓа во втората половина на овој месец, за кога се очекува уште поголем бран на поскапувања. Причина за тоа се повисоките трошоци за производство, ниските приноси, скапиот увоз…
(А.С.)