Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20.30 часот во Хернинг ќе го одигра првиот натпревар од Б – групата на Европското првенство, против еден од тројцата домаќини на шампионатот и прв фаворит за златниот медал, селекцијата на Данска. Во пресрет на овој прв предизвик на шампионатот своите очекувања ги сподели капитенот Филип Кузмановски.

„Имаме тешка група, но играме и се бориме за Македонија. Ние сме млад тим и имаме што да докажеме на овој турнир. Треба да го покажам своето искуство за тимот и соиграчите. Долго време сме заедно, овој тим е на вакви турнири три-четири години и добро се познаваме. Тоа е нашата силна страна да го покажеме најдоброто. Имаме мотивација да играме против Данска. Според мене тие се фаворит за титулата. Ќе играме пред полна сала и тоа е мотивација да се бориме 60 минути. Во нивниот тим има многу големи имиња: Гидсел, Питлик, Лауге, Нилсен… Ќе биде тешко, но и тоа е мотивација. Нашиот главен фокус ќе биде одбраната, бидејќи без неа не можеме да победуваме“, изјави Кузмановски.

Но, дека и Данска не ја потценува борбеноста на македонската репрезентација покажува и изјавата на еден од најдобрите ракометари во составот на селекторот Николај Јакобсен, Матијас Гидсел.

„Знаеме дека репрезентациите како Македонија, секогаш го прават натпреварот многу потежок. Тие играат исклучително физички. Нашата цел е да го задржиме високиот интензитет, да играме побрз ракомет и да не влегуваме премногу во физички дуели со нив. За повеќето од нас, најважно е прво да ја почувствуваме арената, подлогата и атмосферата, да ја тргнеме почетната нервоза и потоа целосно да се фокусираме на остатокот од турнирот“, заклучи Гидсел.

Селекторот на данската Николај Јакобсен, пак со доза на респект, но и со јасна самодоверба, зборуваше за првиот предизвик.

„Македонците имаат млад тим. Ние сме големи фаворити и тоа го знаеме, но првиот натпревар секогаш е посебен. Влегуваме свесни за тоа што треба да го направиме. Знаеме дека за титулата ќе ни бидат потребни девет победи, а првата треба да ја оствариме против Македонија, нагласи Јакобсен.

 

ИЗДВОЕНИ