И мигрантите бегаат од Германија: Среќата би ја побарале во САД, Шпанија, Швајцарија

1958

Германија, како најголема европска економија, долго време се смета за клучна земја во која странците од целиот свет имигрираат во потрага по подобри услови за живот.

Сепак, резултатите од неодамнешното истражување на Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања покажаа дека добар дел од имигрантите не сакаат долго да живеат во оваа земја. Некои бараат подобри услови за работа со поголема плата, многумина не можат да се справат со исцрпувачката бирократија и дискриминација, па би се вратиле, или во татковината, заради семејството, или среќата би ја побарале на друго место. На одлуката за напуштање на Германија влијае и посветеноста на партиите за построга политика кон мигрантите.

Околу половина од оние кои не сакаат да останат имаат намера да се вратат во својата татковина, останатите би сакале да го продолжат своето патување во друга земја. Повеќето Полјаци и Романци сакаат да се вратат дома. Мигрантите кои би сакале да ја напуштат Германија и да продолжат понатаму би сакале да го продолжат својот живот во Швајцарија, САД или Шпанија. Бегалците и оние кои дојдоа преку обединување на семејството се помалку склони да емигрираат од високообразованите и економски успешните имигранти, покажа истражувањето.

Во истражувањето учествувале 50.000 луѓе родени во странство, кои сега живеат и работат во Германија и се на возраст меѓу 18 и 65 години. Барателите на азил кои сè уште немаат признаен статус на престој во таа земја беа исклучени од истражувањето. Истражувањето беше спроведено од декември 2024 до април 2025 година.

– 26 отсто од доселениците, односно околу 2,6 милиони луѓе изјавиле дека во текот на минатата година размислувале да ја напуштат Германија. Околу три проценти, односно 300.000 луѓе веќе направиле конкретни планови за напуштање на земјата – изјави Јулија Косјакова, раководител на Одделот за истражување за миграција, интеграција и истражување на меѓународниот пазар на труд, пренесе Дојче веле.

На Германија годишно и се потребни околу 400.000 дополнителни имигранти кои би останале трајно во таа земја, за да го одржи потребниот потенцијал за работна сила. Најголемата европска економија е преполна со работна сила, додека бројот на пензионери се зголемува. Студијата на Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања покажа дека „централниот предизвик не е само приливот, туку и трајното задржување на мигрантите“.

ИЗДВОЕНИ