Идејата за доаѓање на НБА во Европа веќе се пишува со години, а во 2026 година можеме да очекуваме конкретни чекори во врска со формирањето на новото натпреварување на Стариот континент. НБА, во соработка со ФИБА, ќе се обиде да ја реформира постојната мапа, да вклучи градови кои традиционално не се кошаркарски, а приматот што Евролигата го има со години ќе падне во втор план. Преговорите со заинтересираните страни ќе започнат деновиве, а 16 јануари е крајниот рок кога ќе дознаеме дали Реал Мадрид, Барселона и Фенербахче ја напуштаат Евролигата или се подготвени за нов десетгодишен договор.

Списокот на европски градови се чини дека е веќе комплетиран. Ќе бидат вклучени дури 12 метрополи како Манчестер, Лондон, Милано, Рим, Истанбул, Атина, Париз, Лион, Берлин, Минхен, Мадрид и Барселона. Официјалниот почеток е планиран за октомври 2027 година.

Формат на НБА Европа

Единствениот модел што е претставен на јавноста е оној во кој новото натпреварување ќе има 16 учесници, 12 постојани и четири кои ќе го заработат своето место преку натпреварувањето на ФИБА, поточно Лигата на шампионите. Секој тим што се натпреварува под покровителство на ФИБА би можел да заработи место.

  • Покрај постојаните места, новата лига би им понудила на сите клубови во домашната лига во Европа, која е поддржана од ФИБА, по пат на квалификации базиран на перформанси на годишна основа, или преку Лигата на шампионите на ФИБА или квалификациски турнир на крајот од сезоната. Лигата би го усогласила својот распоред со распоредите на домашните лиги и национални тимови, дозволувајќи им на играчите да го претставуваат својот клуб и национален тим во текот на целата година, се вели во соопштението на НБА и ФИБА.
  • Како дел од новата лига, НБА и ФИБА, исто така, планираат да обезбедат финансиска поддршка и ресурси за понатамошен развој на европскиот кошаркарски екосистем, вклучувајќи ги домашните лиги, клупските младински академии, како и постојните програми на НБА и ФИБА за развој на млади играчи, тренери и судии на сите нивоа на играта.

Што значи тоа за македонските репрезентативци кои моментно ги бранат боите на неколку евролигаши?

Македонските репрезентативци како Ненад Димитријевиќ (Баерн Минхен) и Ти-Џеј Шортс (Панатинаикос) ќе имаат можност да играат за националниот тим без притисок од страна на клубовите. Моментно, овие двајца репрезентативци најчесто не можеа да и помогнат на Македонија поради клупските обврски од страна на евролигашите, кои не им дозволуваа да ги напуштат клубовите за да одат на репрезентативна пауза. Тоа значи дека, според новото натпреварување, за време на репрезентативната пауза, ова натпреварување нема да има тековно коло, што би значело дека репрезентативците ќе можат да бидат дел од националните тимови и да им помогнат на своите селекции во квалификациите за пласман на ЕП или СП.

Евролигата е сериозно потресена

Европските гиганти Реал Мадрид, Барселона и Фенербахче имаат десетгодишни лиценци што истекуваат на крајот од сезоната 2025/26, но имаат рок до 16 јануари да одлучат дали да се повлечат од натпреварувањето и да се приклучат на новиот проект, или да потпишат нов десетгодишен договор. Постои можност да се најде „транзициско решение“, но Евролигата инсистира да игра според свои правила и сè да се официјализира што е можно поскоро.

Важен момент во новиот проект е секако финансиски, бидејќи НБА ќе инвестира огромни пари во реновирање на инфраструктурата, ќе гарантира големи профити и на почетокот ќе личи на „лига на богатите“. Барселона започна преговори за продолжување на лиценцата за Евролигата, но претседателот Жоан Лапорта јасно стави до знаење дека постои можност да ја напуштат Евролигата доколку предлогот на НБА е попрофитабилен и поперспективен.

Американците сакаат да го решат главниот проблем на европската кошарка, да инвестираат во развој на млади играчи кои сè повеќе одат во Америка за да одат на колеџ и драстично да ги зголемат своите приходи.

  • Ќе создадеме подобри плати, повеќе забава, а овој профит ќе биде инвестиран во развој на нови играчи. Евролигата е одлична организација, но нешто не е во ред кога клубовите толку многу страдаат финансиски, а целиот екосистем доживува загуба од 60%. Ова не е одржливо. НБА доаѓа да го реши овој проблем. Ова е историска можност за рестартирање на европската кошарка во иднина.

Нема соработка со Евролигата

Досега, ФИБА и НБА од една страна и Евролигата од друга страна не можеа да најдат заеднички јазик. На оваа тема зборуваше еден од лидерите на ФИБА, Хорхе Гарбахос, кој не е оптимист за соработка.

  • Тоа е закон на слободниот пазар. Во 2000 година, монополот на ФИБА не можеше да се дозволи и беше создадена Евролигата. Точно така, тоа се правилата на Европската Унија. Па, сега ајде да се натпреваруваме. Не знам колку пати сме се сретнале за да најдеме решенија, вели Шпанецот, додавајќи:
  • Се обидов. ФИБА Европа е тука да обедини. Ако можеме да работиме заедно, тоа е фантастично. Ако не, ајде да се натпреваруваме. Секогаш се обидувам да постигнам договори и ќе продолжам да се обидувам додека не се исцрпам. Дали тоа значи дека сум оптимист? Не толку колку што бев пред година и пол. Тогаш бев голем оптимист. Сепак, помина долго време без напредок. Разделбата е веројатно најлошото сценарио за европската кошарка, но изгледа дека е на прагот да се случи, бидејќи Евролигата вели дека не добила никакви конкретни информации, но е отворена за разговори.

Што вели Евролигата?

Извршниот директор на Евролигата, Паулиус Мотиејунас, тврди дека најпрестижното европско натпреварување се справува подобро од кога било, дека приходите се зголемиле, дека натпреварувањето никогаш не било поконкурентно и дека сè оди во вистинската насока.

  • Се справуваме подобро од кога било. Евролигата ги зголеми своите приходи за 45% во последните две сезони. Имаме нови спонзорства. ТВ публиката порасна за 30% за пет години, а минатата сезона, повеќе од три милиони навивачи присуствуваа на натпреварите, што е рекорд за натпреварувањето. Од спортска гледна точка, проширувањето на 20 екипи беше огромен чекор. Секој може да победи секого, нема непоразени екипи. Таа конкурентност е нешто што сакаме да ја заштитиме, рече извршниот директор на Евролигата, Паулиус Мотиејунас.

Тој се осврна на проблемите во разговорите со НБА Европа.

  • Сè уште разговараме со НБА. Ќе се сретнеме повторно и ќе го продолжиме дијалогот. Но, има многу фрустрации од наша страна, бидејќи без разлика каков предлог ќе поднесеме, се чини дека тие не се подготвени да преземат какви било вистински чекори. Иако велам дека разговараме, нема многу напредок, тие само го следат својот план. НБА вели дека ќе ја лансираат својата лига; тие веќе разговараат за градови и тимови… Од наша гледна точка, тоа не е вистинскиот пат. Далеку сме од постигнување каков било договор, па затоа се фокусираме на себе. Евролигата се справува одлично веќе 26 години, рече Паулиус.

И фудбалски клубови се во игра

Очигледно, влегувањето во лигата ќе чини многу, помеѓу 250 и 500 милиони евра. Реал Мадрид, Барселона, ПСЖ, Баерн Минхен, Манчестер Сити, Фенербахче се споменуваат како заинтересирани страни, додека неодамна се појавија информации дека и Борусија Дортмунд би можела да биде вклучена во целата приказна.

Влезот на фудбалски клубови со големи навивачки бази дефинитивно би бил клучен за популарноста на новото натпреварување, бидејќи е познато дека кошаркарските клубови како Баерн имаат занемарлива публика во салите во споредба со посетеноста на стадионите, иако германската кошарка цветаше во последните години.

Во секој случај, во Европа, засега, постои непопуларно мислење дека новиот проект на НБА и ФИБА е чисто комерцијален и е насочен кон богати пазари, додека кошаркарската традиција и вистинските европски кошаркарски вредности не се премногу привлечни за нив. Иако тврдат дека вратите на новото натпреварување се отворени за сите, засега не изгледа така… Повеќе одговори ќе знаеме кон средината на јануари 2026 година, што дефинитивно ќе биде пресвртница во европската кошарка.

ИЗДВОЕНИ