Од наредната година, минималецот во Косово ќе биде 500 евра, претходно Србија и Албанија донесоа одлука од 1 јануари наредната година да ја зголемат минималната плата. Во Србија, таа ќе изнесува 64.554 динари или 551 евро, а во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки, односно 515 евра. Се зголемува и минималната плата во Бугарија и од Нова година ќе изнесува над 600 евра. Македонските работници останаа единствени во регионот што земаат минималец под 500 евра

 

Земјите во регионот ја зголемија минималната плата, а последна во редот што го зголеми минималецот е Косово. Од наредната година, минималецот во Косово ќе биде 500 евра, претходно Србија и Албанија донесоа одлука од 1 јануари наредната година да ја зголемат минималната плата. Во Србија, таа ќе изнесува 64.554 динари или 551 евро, а во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки, односно 515 евра. Се зголемува и минималната плата во Бугарија и од Нова година ќе изнесува над 600 евра. Македонските работници останаа единствени во регионот што земаат минималец под 500 евра.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека со ова се потврдило дека нивните барања за зголемување на минималната плата се оправдани и оти сега ќе го ревидираат своето барање за повисок минималец.

– Останавме на дното во регионот по висината на минималната плата, која од наредната година во сите земји ќе биде над 500 евра. Ние од март бараме минималецот да не се зголемува само со законското усогласување, бидејќи трошоците за живот растат со многу побрзо темпо. Веќе е доцна за 500 евра минимална плата и веќе го разгледуваме новото барање за зголемување на минималецот над оваа сума. Барањето за 500 евра минимална плата истекува на крајот од годината и за 2026 година ќе бараме ново зголемување, кое ќе биде над 500 евра, бидејќи трошоците постојано растат – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Неодамна, и истражувањето на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажа дека македонскиот работник е значително попродуктивен од европскиот колега, но неговата плата е околу една третина од европскиот просек. Според анализата, за Македонија би биле потребни околу 40 години за да се достигне просечната европска плата, а за да го достигне животниот стандард на ЕУ, би бил потребен дури половина век, доколку не се преземат суштински реформи.

– Растот на платите треба да оди заедно со зголемувањето на додадената вредност на производите. Постои простор за постепено покачување на платите и во сегашни услови. Во моментов, просечната бруто-плата во земјава е околу 1.000 евра, што е една третина од просекот во ЕУ. Македонските работници произведуваат околу 53 проценти од она што го произведува работник во ЕУ, што значи дека платите се несразмерно ниски во однос на продуктивноста – изјави директорот на ЗМАИ, Виктор Митевски.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ истакнува дека, иако во Европа се користат напредни технологии, македонските работници не се мрзливи, но се плаќани многу помалку од реалната продуктивност. Според него, нашата продуктивност е повисока по плата, односно платите кај нас се пониски од продуктивноста.

Економските експерти сметаат дека слабата динамика на економскиот раст, бавното зголемување на продуктивноста и иселувањето на висококвалификувани работници го влошуваат пазарот на трудот. Според поранешната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, работоспособното население се намалило од 70 на 65 проценти во последната декада, а тенденцијата ќе продолжи до 2050 година, што дополнително го намалува потенцијалот за раст.

– Работоспособното население во изминатата декада се намали од 70 на 65 проценти и според некои процени, тие неповолни трендови ќе продолжат и до 2050 година ќе се намали на 60 проценти. Тоа е поразително и алармантно – сметаат експертите.

Инаку, во Косово, минималната плата во моментов изнесува 350 евра и ќе се зголеми на 500 евра месечно за сите вработени со полно работно време. Оваа одлука била донесена по предлозите и сугестиите што ги добила Владата од претставниците на синдикатите и на бизнисите. Така, предлог е минималната плата за следната година да биде 500 евра или поточно 3 евра од работен час.

И Бугарија, пред неколку дена, донесе одлука минималната плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 620 евра, односно 1.213 лева. Бугарските медиуми претходно објавија за зголемување на платите во здравството и од први јануари лекар специјализант ќе зема 1.860 евра плата, додека медицинска сестра – 1.550 евра.

Во Албанија, минималната плата изнесува 412 евра, а од наредната година ќе се покачи за 100 евра. Среднорочната цел на земјата е просечната плата да достигне 1.000 евра во следните четири години. Она што е важно дека нема да се зголемат даноците во првите 18 месеци од зголемувањето на минималната плата, со цел граѓаните и бизнисите во земјата да работат во постабилна финансиска клима.

Во Србија, пак, минималната плата од наредната година ќе се зголеми на 551 евро, што во однос на минималецот, кој изнесуваше 404 евра во 2024 година, е зголемување од 36 отсто.

Македонските работници остануваат со најмал минималец и останува да го чекаат законското усогласување во март наредната година.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ