Во паркот на Октомвриската револуција, меѓу зградите К4 и К5 во Куманово, утре ќе се одржи третиот по ред настан „И ја собирам автичики, бре!“.
Настанот ќе трае од 12:00 до 18:00 часот и е наменет за сите генерации – од најмалите до највозрасните.
Организатор е клубот „Автичики бре“, кој годинава подготви богата програма. Ќе бидат претставени 10 колекционери на минијатурни автомобили во различни размери: 1/64, 1/43, 1/24 и 1/18.
Голема атракција за децата ќе бидат креативните работилници што ќе ги водат „Бушава азбука“ и „Среќно детство“. Покрај тоа, љубителите на уметноста и на музиката ќе имаат можност да уживаат во графити-арт на членовите на Здружението за ликовна уметност „Форма“ од Куманово.
– Овој настан е вистинска можност за младите да ја изразат својата креативност и да се вклучат во културните активности на отворено – изјави Младен Трендевски од Здружението „Форма Куманово“.
Посетителите ќе може да ја посетат и изложбата на винили на „Q Rec“, како и да уживаат во настапите на диџеј Виктор, Пуца Череп, Никола НБК и 43ѕ.
Организаторите порачуваат дека сите се добредојдени – родители, деца, колекционери и љубители на уметност и музика.
-Очекуваме ден исполнет со дружење, радост и позитивна енергија – нагласуваат организаторите.