Синдикатите и студентските организации во Грција денеска организираа демонстрации и штрајкови низ целата земја, протестирајќи против порастот на трошоците за живот и барајќи поголеми инвестиции во јавното образование.
Според медиумските извештаи, само во Атина требаше да бидат распоредени околу 3.000 полицајци, со цел да се спречат немири слични на оние што беа забележани во неколку други европски градови.
Како дел од протестите, студентите во вторникот попладне поставија шатори на плоштадот Синтагма, кој се наоѓа пред зградата на грчкиот Парламент во Атина. Нивните барања вклучуваат пониски кирии, зголемени субвенции за домување, повеќе места во студентските домови и дополнителен наставен кадар.
Вработените во јавниот сектор, исто така, стапија во штрајк, по повикот на синдикалната конфедерација АДЕДИ.
Од синдикатите изјавија дека целта на оваа акција е да се покаже солидарност со протестите во образовниот сектор и да им се овозможи на вработените – вклучително и на родителите – да учествуваат во демонстрациите и собирите.












