И ѓорчепетровци имаат свој „Октоберфест“

347

По продолжената забавно-музичка и детска програма минатиот викенд, годинашното „Културно лето 2025“ во Општина Ѓорче Петров неделава ќе заврши. А, за крај, како по правило, секогаш се чува најдоброто, иако овој епитет годинава може да му се припише и на сето друго што се случуваше досега. Сепак, во текот на следните септемвриски денови, програмата ќе биде уште побогата и поразновидна, овој пат распоредена дури во пет дена.

Така, утре љубителите на македонскиот фолклор, преточен во новосоздадените народни песни со патриотска содржина, ќе може да го проследат настапот на дузина македонски фолк-ѕвезди, со изведба на песни од фестивалот „Гоце-фест“. Почетокот е закажан за 19:00 часот, на платото на корзото до „Тинекс“.

Наредниот ден, четврток, ќе започне тридневниот фестивал на пивото „Октобарфест“, во реонскиот парк на Ѓорче Петров, каде што, од 18:30 часот, програмата ќе ја отворат членките на женскиот хор „Фрида“, под водство на познатата пејачка и ТВ-водителка, Сузана Турунџиева, со своите фантастични хорски изведби. Во 19:00 часот ќе започне настапот на „Контраплан“, додека во 20.00 часот свој концерт ќе одржи мегапопуларното дуо „Куку леле“, кое ќе ја забавува публиката со своите безвремени хитови. Вечерта ќе ја затвори Александар Јордановски со својот диџеј-сет, кој ќе започне во 21:30 часот.

В петок, 19 септември, на вториот ден од пивскиот фестивал, во 19:00 часот, забавата ќе ја отвори македонскиот поп-пејач Даниел Дан. По него, во 20:00 часот ќе следува настапот на членовите на проектот „Пауза за ракија“, кои ќе ја размрдаат публиката со своите бравурозни фолк-изведби. За крај на вечерта, во 21:30 часот, концертот на македонската рокерка Дани Димитровска ќе понуди одлична рокенрол забава.

На 20 септември, сабота, програмата ќе започне точно напладне, со детски содржини. Поточно со концертот на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска и проектот „Да ни биде животот песна“, со изведба на класична музика за деца. По неа, во 13:00 часот ќе следува детската интерактивна претстава со „Фамилија Металковци“.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ