Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои до крајот на 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги, дека имаат законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).

Обврската за ДДВ регистрација се однесува и на физички лица кои изнајмуваат деловен простор, даваат менаџерски, правни, економски, инженерски и занаетчиски услуги, држат приватни часови, продаваат земјоделски производи или вршат друг оданочив промет, доколку во текот на 2025 година го надминале законскиот праг.

Од УЈП појаснуваат дека вкупниот промет за ДДВ цели го опфаќа прометот од продажба на добра и извршени услуги во текот на годината, но во него не се вклучуваат промети ослободени од ДДВ без право на одбивка, како што се изнајмување на станбен простор за живеење, здравствени и осигурителни услуги, услуги за изучување странски јазици, меѓународен превоз на патници и слично.

Исто така, во вкупниот промет не се пресметуваат ниту услугите извршени кон странски даночни обврзници кои не подлежат на оданочување со ДДВ, како што се консултантски, адвокатски и ИТ услуги.

За обврзниците кои започнале со работа во текот на годината, годишниот промет за ДДВ цели се утврдува со пресметка на просечниот месечен приход, кој потоа се множи со 12 месеци. Како пример, УЈП наведува дека лице кое од јули 2025 година остварувало месечен приход од 200.000 денари, на годишно ниво би достигнало 2,4 милиони денари, со што се стекнува со обврска за ДДВ регистрација.

Пријавите за регистрација за ДДВ може да се поднесат и доброволно, а крајниот рок е утре, 15 јануари 2026 година. Поднесувањето се врши електронски преку системот е-tax, лично во организациските единици на УЈП или по пошта. Физичките лица – ДДВ обврзници се должни да обезбедат дигитален сертификат (USB токен) за електронско потпишување на пријавите.

Истовремено, УЈП информира дека обврзниците кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната година и кај кои поминале најмалку три години од регистрацијата, можат да поднесат барање за дерегистрација од ДДВ. Истото важи и за оние кои во последните две години имале промет под законскиот праг и не искажале претходен данок за одбивање.

Пријавата за отповикување на ДДВ регистрацијата (образец ДДВ-01Б) исто така се поднесува најдоцна до утре, 15 јануари. Од УЈП потсетуваат дека институцијата може и службено да ја прекине ДДВ регистрацијата доколку утврди непријавување промет, неподносување даночни пријави, недостапност на обврзникот на пријавената адреса или случаи на даночно затајување.

ИЗДВОЕНИ