Македонија, која секојдневно се бори со десетици пожари, не може да смета на помош од воздух од европскиот механизам, затоа што веќе се ангажирани сите расположливи воздухоплови за гаснење во земјите од јужна Европа, каде што огнената стихија прави пустош. Затоа кај нас се ставени во функција сите оперативни летала на ДЗС, Армијата и на полицијата, како и специјални возила и голем број луѓе што се ангажирани деноноќно. Од Словенија и Франција ни понудија помош во справувањето со пожарите со тимови од по 50 пожарникари и специјални возила за гаснење пожари
Огнената стихија прави пустош насекаде во јужна Европа, а особено под голем ризик од пламените јазици се земјите околу Медитеранот. Активирани се повеќе стотици пожари во Грција, Турција, Албанија, Босна , Косово, Хрватска, Србија, Шпанија, Италија, Кипар… За справување со оваа непогода, активиран е европскиот механизам во овие држави, при што на помош во гаснењето се вклучени сите расположливи воздухоплови.
И Македонија секојдневно се соочува со над 30 пожари, само во неделата имаше повеќе од 50. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека сите ресурси се оптимално распоредени и дека од Словенија и од Франција ни понудиле помош во справувањето со пожарите, со тимови од по 50 пожарникари и специјални возила за гаснење пожари.
– Имаме контрола над сите ресурси, и локални и национални. Ресурсите нема никогаш да бидат доволни, но ние оптимално ги распоредуваме онаму каде што е неопходно. Наш критериум број еден во справувањето со пожарите се човечките животи, а потоа и имотот на луѓето – рече Ангелов и уште еднаш повика да се исчисти околу селските куќи и викендичките, да се изораат дворовите и да се направи земјен појас, без вегетација.
Според премиерот Христијан Мицкоски, за најголем дел од пожарите постојат основани сомневања дека се подметнати или дека се имаат случено од негрижа. Но, сепак, вели дека, во јули, тие се држат под контрола.
– Во функција се сите оперативни летала што ги имаат Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се специјалните возила што ги подготвивме, бидејќи знаевме што нè очекува ова лето. Го активиравме и европскиот механизам, но имајте предвид дека насекаде во Европа има ваков вид огнена стихија, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, зафатени се цели населби. Во Турција, исто така, има жртви и повредени, цели населби и градови, Албанија, Босна, Косово, Хрватска. До пред некој ден, знам дека Србија имаше по 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар… Така што во овој момент нема слободни воздухоплови од тој ЕУ-механизам што би помогнале – нагласи Мицкоски.
Премиерот посочи дека повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен, а полицајците ги возат специјалните возила.
– Се организираме, работата е под контрола. Цело лето ќе се случува ова, ќе има и во август. Во овој момент, немаме огнена стихија што е надвор од контрола – рече Мицкоски.
И скакулците ги шират пожарите
Освен тоа што се подметнуваат, причина плус за ширење и пренесување на пожарите на други места се и скакулците, кои бегаат од опожарените места и така запалени ги пренесуваат во местата каде што се движат.
Така, според Весна Сенева од регионалната подружница „Серта“ – Штип при ЈП „Национални шуми“, пожарот на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево завчера попладне се активирал токму поради инсектите и животните што бегале од опожарените места, носејќи го кон површини што не се зафатени.
– Ова е мое лично мислење – дека роеви инсекти се преносители на пожарот. Тие, запалени, летаа преку асфалтот и имавме и личен пример: тука нè нападнаа. Тоа се двокрилци и го пренесуваат, бегајќи од пожар, одат во неопожарена шума. Ситуацијата е таква што сега инсектите и животните го пренесуваат пожарот. Ние го санираме, меѓутоа инсектите и животните го пренесуваат на неопожарена површина – вели Санева.
Таа додава дека еден од вработените на ЈП „Национални шуми“ забележал како запален скакулец го проширил огнот на стрниште, направил опожарен круг, по што веднаш бил изгаснат. Според неа, треба да се размислува и како да се спречат инсектите, кои како искри го шират огнот.
Изгореа куќи во селото Рудинци
Во пожарите сè почесто страдаат и објекти. Така, биле зафатени неколку куќи во селото Рудинци, Општина Старо Нагоричане, од пожарот што избувнал во петокот вечерта, потврди Далибор Трајковски, командир на Територијалната противпожарна единица. Дел од опожарените куќи биле населени, а дел празни. Точниот број уништени објекти сè уште не е утврден. Огнената стихија, која се ширела со извонредна брзина, зафатила непристапни терени, како ридови и долови и во еден момент дури стигнала до железничката пруга, продолжувајќи кон кратовското село Димонце.
– Интервениравме до три часот по полноќ. Со две противпожарни возила, осуммина пожарникари и со поддршка од мештаните, успеавме да го локализираме пожарот. Ситуацијата беше исклучително сериозна, пламените јазици се движеа со таква брзина што не можеше да се предвиди каде ќе се прошират понатаму – изјави Трајковски.
Поради оштетени електрични столбови и трансформатор, електричната енергија во селото е прекината, како мерка на претпазливост. Иако бил изгаснат во петокот, следниот ден повторно се појавил пожарот, но на друга локација, што според командирот на пожарникарите упатува на сомневање за намерно подметнување. Најзначајно е што, според досегашните информации, нема повредени лица. Во текот на наредните денови се очекува теренска проценка и утврдување на точната штета.
– Во моментов, нема активни пламени јазици, но сè уште има чад и жаришта на неколку места. Утре ќе излеземе со прецизни податоци – информираше Трајковски.
Изгаснат е пожарот кај кумановското село Бељаковце, со кој се бореа противпожарните служби два дена.
Во гаснењето на пожарот биле вклучени четири екипи од Територијалната противпожарна единица, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во „Национални шуми“ и локалното население.
– Пожарот беснееше два дена. Првиот ден од 16:00 часот, беше локализиран извесен период, подоцна повторно се разгоре поради ветрот и вчера беше изгаснат во околу три часот по полноќ – изјави заменик-командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.
Во вечерните часови, избувнал голем пожар и во кратовското село Димонце. За негово локализирање биле ангажирани екипа од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и две екипи од ТППЕ Старо Нагоричане. Целосно е изгаснат и големиот пожар што беснееше во селата Ругинце, Облавце и Сув Орах.
Вчера, бил пријавен пожар и во селото Отља, во Општина Липково, како и во селото Тромеѓа, каде што горело стрниште.
– Вчеравечер, половина час по полноќ, било интервенирано и на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, каде што горел смет. Пожарот бил изгаснат за околу 30-ина минути – соопштија од РЦУК.
Активни девет пожари
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска попладне биле регистрирани 15 пожари, од кои девет сè активни и претставуваат сериозна закана за шумскиот фонд и за локалното население, а шест се ставени под контрола.
Најдраматично е во источниот и во јужниот дел од државата – меѓу нив се шумските пожари што беснеат на подрачјето на општините Василево, Радовиш и Берово, каде што горат нискостеблеста шума, грмушки и смрека во реонот на Голем Готен и Малешевските Планини. Особено загрижува пожарот кај селото Бешиште во Прилеп, каде што не може да се интервенира поради детонации, а огнот се шири кон селата Градешница и кон границата со Грција.
Мешана шума и ниска вегетација горат и во шумскиот појас меѓу Прилеп и Кавадарци, во реонот на селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник. Во Македонски Брод, пожарите го зафатија просторот помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде што гори деградирана дабова шума, а во Желино, меѓу селата Церово и Групчин, се шири пожар во нискостеблеста и деградирана шума.
Сериозни последици трпат и општините Крива Паланка и Македонска Каменица, каде што пламените јазици зафатија борова шума кај селата Нерав и Ќосевица. Додека кај селото Ореше во Чашка горат букова шума и ниска вегетација, а во Илинден, меѓу Мршевци и Бучинци, пожарот зафатил стрниште.
Состојбата е нешто постабилна кај шест пожари што се ставени под контрола, но и тие се следат внимателно, бидејќи не е исклучена можноста од повторно активирање. Меѓу нив е и пожарот во Облавце, Бељаковце и во Довезенце кај Куманово, кој се прошируваше кон кратовските села Димонце и Коњух, каде што веќе имаше закана за куќите.
Под контрола се и пожарите кај Грешница (Македонски Брод), Драгоево и Селце (Штип), Јунузлија (Карбинци), Горно Црско (Кичево), како и оној меѓу Катланово и селото Чифлик во Петровец.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено, да пријавуваат веднаш за секој забележан чад и да соработуваат со надлежните служби. Прогнозите најавуваат нестабилно време со ветер, што дополнително го зголемува ризикот за ширење на пожарите.
„Огнот не простува, а шумата е живот“ – време е за мобилизација!
Додека на планината Готен беснее повеќедневен пожар, кој опожари огромна шумска површина и се заканува да ги зафати блиските населени места, во Берово се одржа едукативно-информативен настан „Огнот не простува, а шумата е живот“, преку кој се испрати повик за мобилизација и за заедничка акција за поддршка во гаснењето, но и во спречувањето понатамошно ширење на огнената стихија.
Настанот го отвори Дина Муцунска од „Екозелено движење“ – Берово, која со загриженост зборуваше за опасностите од пожарите, улогата на човечкиот фактор, илегалната сеча и за итната потреба од пошумување. Нејзината порака беше недвосмислена: „Шумите се наш најголем сојузник во борбата со климатските промени. Малешевијата веќе трпи последици. Ако не дејствуваме сега, утре ќе биде доцна“.
Градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пекевски, ја потенцираше важноста на солидарноста и на локалната вклученост, а претставници од ТППЕ Берово ја пренесоа суровата реалност од теренот – борбата со огнот, ризикот, храброста, заморот… Нивните зборови и искуства беа сведоштво што никого не остави рамнодушен. Доброволното противпожарно друштво од Пехчево ја сподели својата инспиративна приказна за основањето, обуката и за дејствувањето. Нивниот пример служеше како повик до Берово повторно да се активира локалното доброволно друштво, бидејќи: „Секој обучен и опремен човек е дополнителна сила на страната на шумата и животот, особено во руралните и планинските средини.“
Во знак на сеќавање на настанот, но и како жив симбол на обврската кон природата, беше насадено дрво на плоштадот во Берово.
(А. П.) (С. Бл.)