Првиот специјализиран музички ТВ-канал во светот, Ем-ти-ви (MTV), на Нова година го заврши своето постоење со гасење на сите свои програми и платформи по 44 години.

Последната песна што ја емитуваше глобално познатиот канал Ем-ти-ви беше истата, односно првата со која започна – „Video killed the radio star“ на групата „Баглс“. Видеото за споменатата песна, коe требаше симболично да го означи крајот на музичката битка меѓу радиото и телевизијата, првпат беше емитуванo на 1 август 1981 година.

Иако светските агенции објавија дека програмата на сите канали Ем-ти-ви билa завршенa на ист начин, згаснувањето на Ем-ти-ви 90, канал посветен на музиката од последната деценија на минатиот век, се разликува од другите и заврши со емитување на песната „Goodbye“ од „Спајс грлс“.

Сепак, Ем-ти-ви ќе продолжи да емитува свои специјализирани програми и серии, но каналите што ѝ беа посветени исклучиво на музиката го завршија емитувањето, што особено се однесува на Европа, Велика Британија, Австралија и на Бразил.

„Парамаунт“, сопственик на сите канали, официјално не ги објави причините за гасењето на програмата, но се претпоставува дека станува збор за процена дека повеќе не се исплаќа да се работи на тој начин.

ИЗДВОЕНИ