Проверени обвинувања или манипулација со гласачкото тело, кампањата за претстојните локални избори доминира со јазични тактики на кои партиите очекуваат да се „залепат“ гласачите. Повеќе национална и социјална демагогија, помалку реални концепти на партиите. Едни во обид да го зачуваат последниот изборен резултат, други да воскреснат од него
Како што наближува денот од првиот изборен круг, 19 октомври, така се засилува вербалното оружје со кое си пукаат партиските опоненти. На изборната сцена од карваните кои веќе втора недела се по селата и по градовите, најголем дел од изборното преставување, микрофонот, му припаѓа на лидерот од чија уста течат црни зборови кои како огнени стрели ги фрла кон противникот. По она што досега го видовме од изборната кампања за локалните избори, политичарите користат социјална и национална демагогија со цел да им се приближат на гласачите. Колку, пак, тие ќе се „залепат“ на нивните вокабуларни трикови, зависи од нивото на когнитивна моќ за анализа на политичката реторика.
Последниот викенд, Христијан Мицкоски, во своите обраќања до членовите и симпатизерите, кажа низа обвинувања за СДСМ, нејзиниот лидер Венко Филипче, и поранешниот премиер Зоран Заев. Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преку едноставна метафора, ги нарече „црвените линии“ на Филипче „тројански коњ“, а обвини и за наводно „куферче“ дадено од поранешниот бугарски премиер на неговиот колега, Зоран Заев.
– Ќе ви се скинат и куферчињата пари од источниот сосед, а ниту во зградите и визите од Дубаи има среќа. И сакам една порака до сите нив: тоа што година и три месеци сè уште не стигнала правдата до вас, тоа што година и три месеци секој ден, час во денот и неделата го минувам на градење на темелите што ги уриваа, не значи дека заборавив и не работам правдата да ве стигне“, кажа Мицкоски среде насобраните граѓани на партискиот митинг во Струмица барајќи ја од нив поддршката со цел ослободување од стегите на фамилијата која со децении го заробила градот.
– Оттука тргнуваа политичките комбинации што ја оставија државата заробена и граѓаните разочарани. Ова е градот на гуруто на Филипче, човекот кој ја симболизираше целата таа мрежа на криминал, корупција и лични интереси, нагласи Мицкоски во својот говор кој очигледно допре до повиканиот, Зоран Заев.
– Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија” како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици“, напиша поранешниот премиер Заев на својот профил на „Фејсбук“, кој по повлекувањето од функцијата се стави во политички егзил. Залиен од самобендисаност и аздисаност, ќе падне во политичка провалија, му предвидува Заев на Мицкоски.
– Видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата, возврати екслидерот на социјалдемократите, Заев.
Реакцијата на екслидерот Заев е доказ дека Венко Филипче е во негова сенка, возврати вицепремиерот Александар Николоски и ја продолжи аферата за куферчето.
– А дека имаат концесии кон источниот сосед многу јасно говори и декларацијата што ја понудија во македонското Собрание на само неколку дена пред почетокот на кампањата која очигледно Заев ја пишувал, а Венко Филипче ја поднесе, истакна Николоски.
Од друга страна, политичката кампања на СДСМ го окупира просторот со јазикот на социјалната демагогија, доминира популизам, порачувајќи му на гласачот дека „тие се едни од нив“.
– Семејствата бројат денови до следната плата и ги кратат основните трошоци, а тие живеат во ПР, со нарачани анкети, ние живееме во реалност. Реалност е дека додека народот чека повисоки плати, тие се расфрлаат со наши пари. Јадат манго и папаја, купуваат вина по институции, летаат со приватни авиони, додека платите мируваат и инфлацијата ја јаде секоја заработена пара, рече Филипче.
Критикувајќи ја безидејноста на противникот, посочувајќи го примерот со „бугарските куфери со пари“, социјалдемократите се во поход на обединување на старо-новото партиско тело, повикувајќи на заедничка борба околу партиските идеали.
– Силен СДСМ е единствената надеж дека Македонија ќе биде правична, човечна и демократска држава со јасна перспектива. Затоа, да извлечеме поука од минатото и да се здружиме околу борбата е за вредности, за нашите идеали, за да ја исправиме партијата на нозе за да им служи на граѓаните. Се бориме за чесност, за отчет и за работа што се гледа“, повика Филипче од Делчево.
За комуналните проблеми и за програмата која треба да понуди нивно решение зборуваат партиските кандидати за градоначалници. Граѓаните сами можат да проверат што од она што се нуди како ново решение било веќе ставено на „излог“ на претходните општински избори. Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, од Карпош вети субвенциониран паркинг и зелени површини.
–Ќе донесеме нов, строг и еколошки Генерален урбанистички план и ќе ја изработиме стратегијата „Скопје 2050“, која ќе е долгорочна визија за Скопје со мешовити урбани зони и уредени јавни простори, најави Шукова. Нејзиниот ривал, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, од истата општина најави мегапарк кај Лепенец
– Предвидуваме воспоставување зелени коридори по целата должина на реката Лепенец, со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните институции, вети Ѓорѓиевски. На партиската ПР-машинерија ѝ пркосат независните, чии идеи допираат до неопределените. Дел од имињата се докажале во својата професионалност, па партиската неизвалканост ветува промени во некои општини. Од коалицијата „Независни заедно“ од пред депонијата кај скопско Кале ветија ефикасни политики со управување на отпадот.
Во албанскиот блок борбата за Чаир се разгорува. Изет Меџити ветува модерни лифтови во старите станбени згради. Неговиот најсериозен ривал и поранешен сопартиец, најави ослободување на Чаир по дваесет години заробеност.(П.А.)