–  Се одлучивме на овој чекор, бидејќи ја согледавме ситуацијата поврзана со управувањето со комуналниот отпад во Градот Скопје. Она што го утврдивме е дека собирањето на комуналниот отпад не се спроведува континуирано, квалитетно и навремено – вели Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Тие потенцираат дека на овој начин сакаат да се утврдат сите околности и пропусти кои ги сторило јавното претпријатие, а поради кои контејнерите во градот и околината околу нив се преполни со отпад, и тоа да биде соодветно санкционирано

Град Скопје се приклучи кон кривичната пријава против ЈП „Комунална хигиена“ што ја поднесе Општина Аеродром до Министерството за внатрешни работи и до Основното јавно обвинителство, за загрозување на животната средина.


Оттаму информираат дека тие поднеле кривична пријава против Јулијана Спироска, претседател на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, за загрозување на животната средина, наведувајќи дека во периодот од 2022 година до денес, било констатирано оти поради нејзини активности, претпријатието континуирано не ја спроведува својата основна дејност – одржување на хигиената на подрачјето на Град Скопје.

– Ова не е само прашање на отпад, ова е и прашање на достоинство, здравје и на иднина, за кое баш ѝ е гајле на Јулијана Спировска од ВМРО-ДПМНЕ – велат од Градот.

Од Македонското здружение на млади правници, пак, поднеле иницијатива до комуналните инспектори во Град Скопје за вонреден инспекциски надзор во ЈП „Комунална хигиена“.

– Се одлучивме на овој чекор, бидејќи ја согледавме ситуацијата поврзана со управувањето со комуналниот отпад во Градот Скопје. Она што го утврдивме е дека собирањето на комуналниот отпад не се спроведува континуирано, квалитетно и навремено – вели Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

Тој потенцира дека на овој начин сакаат да се утврдат сите околности и пропусти кои ги сторило јавното претпријатие, а поради кои контејнерите во градот и околината околу нив се преполни со отпад, и тоа да биде соодветно санкционирано. Сметаат дека сите треба да реагираат на ваквите или на какви било други проблеми поврзани со животната средина, преку инспекциските служби.

Од Македонското здружение на млади правници нагласуваат дека законодавството за управувањето со отпад е јасно и ги утврдува надлежностите на општините, односно на Градот Скопје за собирање на комуналниот отпад.

– Поради ова, Градот Скопје формирал јавно претпријатие преку кое ја исполнува оваа своја надлежност – наведуваат од Македонското здружение на млади правници.

Од Здружението ги повикуваат граѓаните, доколку имаат потреба од поддршка за преземање вакви активности, да се обратат за правна помош кај нив.

Инаку, откако ЈП „Комунална хигиена“ редовно не го собира сметот, поради што е преплавен градот од смет, општините сами почнаа да го собираат ѓубрето и да чистат. Последните информации од Општина Аеродром велат дека за три дена биле собрани 24 тони комунален отпад (над 170 кубни метри) од домаќинствата, работа што, како што велат општинските власти, градското комунално претпријатие не ја извршило.

– Ова беше возможно само благодарение на ангажманот и на трудот на работниците на Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром. Сепак, свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација, можеби, беа запоставени редовните активности: чистење на плочниците, тротоарите и на сервисните улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање лисја, гранки и, на неколку места, кабаст отпад. Им се извинуваме на сите жители за непријатноста и бараме разбирање – нагласија од локалната самоуправа.

И Општина Центар ги ангажира вработените во Службата за одржување на хигиената при ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ за расчистување на сметот и секојдневно спроведува акции, за таа цел набави дополнителна механизација.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ