Хуманитарни пакети на социјално загрозените семејства

17

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска- Трајкоска, денеска посети повеќе социјално загрозени семејства на територијата на Општината, на кои им подели пакети со прехранбени продукти и со средства за лична хигиена. Во рамките на посетата, децата од овие семејства добија и новогодишни пакетчиња.

При посетата, таа истакна дека овие семејства секогаш може да сметаат на поддршка од Општина Кисела Вода, како и од неа лично, како градоначалник, нагласувајќи дека грижата за најранливите категории граѓани не е само институционална обврска туку и искрена човечка заложба и вредност во работењето на локалната самоуправа. Во таа насока, посочи дека ќе продолжат ваквите активности и во текот на годината, со цел поддршката да стигне до секој граѓанин кому му е најпотребна.

Симболично, настанот се одвиваше на празникот Свети Игнат, празник за кој се верува дека каков ќе биде денот, таква ќе биде и целата година. Токму затоа овој ден им беше посветен на хуманоста и на дарувањето.

– Нема поубав начин да се започне годината од тоа да се подаде рака некому кому му е најпотребно. Денес е Свети Игнат, а старите велат дека каков ќе ти биде денот денес, таква ќе ти биде и целата година. Водени од таа мисла, денес јас и мојот тим одлучивме да го минеме денот во дарување. Поделивме пакети на семејства каде што помошта е навистина добредојдена. Ако денот се познава по утрото, а годината по денешниот празник, тогаш нека оваа година ни биде исполнета со хуманост, солидарност и со полни срца – изјави Стаменкоска- Трајкоска.

ИЗДВОЕНИ