Хрватскиот министер за транспорт, Олег Бутковиќ, изјави дека треба да се најде решение за возачите на камиони од земји надвор од Европската Унија, кои не можат да останат во ЕУ повеќе од 90 дена во текот на шест месеци. Оваа ситуација предизвикува протести и создава големи редици и сообраќајни метежи на граничните премини, објавија хрватските медиуми.
Бутковиќ додаде дека хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, веќе контактирал со Европската комисија за решавање на проблемот.
– Ние го презентиравме нашиот став за можен компромис и предложивме да се најде решение за што поскоро да се прекинат овие блокади – рече министерот.
Според него, покрај регионот, последици од блокадите има и Хрватска, за што реагирале и бизнисмени.
– Тоа дефинитивно не е добро. Тоа е загуба за економијата на трети, соседни земји, но и за хрватската економија. Ме контактираа и одредени компании кои велат дека ова ги спречува да работат нормално и дека претставува сериозна пречка. Станува збор за фактот дека возачите не можат да останат во земјите-членки на ЕУ повеќе од 90 дена во период од 180 дена, и мислам дека тука треба да се најде одредено решение и компромис – изјави Бутковиќ.












