Хрватската виолончелистка со светско реноме, Ана Руцнер, пак, за првпат ќе настапи во Македонија како специјална гостинка на спектакуларниот концерт на битолскиот Камерен оркестар „Цветна симфонија“ (Flowers Symphony), кој ќе се одржи на 30 јули во античкиот локалитет Хераклеjа, Битола.

Руцнер е уметничка со повеќе од 1.000 настапи во преку 30 земји ширум светот. Добитничка е на повеќе од 30 домашни и меѓународни признанија, позната по својот иновативен и уникатен пристап во изведбата на класичната музика, која ја збогатува со модерни и етноелементи. Нејзините настапи се вистинско музичко и визуелно доживување – хармонија меѓу традицијата и современото.

Публиката на концертот ќе има ретка можност да ја доживее магијата на Ана во живо, со нејзиниот впечатлив сценски настап и со музика која допира до срцето. Нејзината кариера опфаќа соработки со имиња како Хосе Карерас, Питер Суаве и Мује Ву, настапи на светски фестивали и настани, како и претставување на БиХ на Евросонг 2016. Покрај нејзините концерти, таа е и амбасадорка на хрватската култура и туризам, со многубројни наградени музички видеа и хуманитарни ангажмани. Во Кина важи за ѕвезда со бројни настапи на врвни фестивали, вклучително и на Глобалната новогодишна гала во Пекинг со преку 150 милиони гледачи.

„Цветната симфонија“, пак, претставува совршен контекст за нејзиното деби во Македонија – насловен концерт што ги слави љубовта, уметноста и природната убавина, а Ана Руцнер е токму симболот на таа синергија. Публиката, покрај Ана Руцнер, ќе има можност да ги слушне и нашите Виолета Арсовска, Јаворка Витанова, Марина Коруновска и гостинката од Косово, Зана Абази Рамадани, која неколкупати има настапувано со Камерниот оркестар на Битола.

ИЗДВОЕНИ