Музика без граници!
Песната е репрезентативен музички симбол на Македонија и Македонците. Таа е во рамките на мојот интернационален проект „Music Unites the World“. “Јовано, Јованке“ претставува музичко патување без граници, вели Стјепан, инаку миленик најмногу на женската публика во Македонија
Хрватскиот виолончелист Стјепан Хаусер за време на велигденските празници, кои оваа пролет се совпаднаа за католиците и за православците, а тој како голем католик христијанин, верскиот празник сепак го одбележа со феноменалната обработка на старата македонска народна песна „Јовано, Јованке“.
-Песната е репрезентативен музички симбол на Македонија и Македонците, вели Стјепан. Инаку, песната е во рамките на мојот интернационален проект „Music Unites the World“. „Јовано, Јованке“ претставува музичко патување, кое има за цел да ги обедини културите преку универзалниот јазик на музиката. Се состои од изведбата на по една препознатлива песна од секоја земја во светот. Досега, овој несекојдневен проект вклучува песни од дваесетина земји, а секоја од нив е претставена со својот автентичен музички бисер. Со секое ново видео, Хаусер не само што го претставува богатството на различните култури, туку и создава уникатен глобален музички мозаик кој ги спојува луѓето преку нотите разбирливи за секоја нација на оваа планета.
Од Македонија изборот падна на „Јовано, Јованке“ секако по желба на талентираниот Стјепан. За него нашите Македонки поодамна се изјаснија дека освен што е музички суперталентиран, тој е и супер згодно момче. На времето беше во љубов со сплитската поп-пејачка Јелена Розга, но таа романса неславно заврши.
Со својата виртуозна интерпретација на македонскиот музички бисер, Хаусер успеа да ја пренесе магијата на македонската традиционална музика и македонската песна до светската публика и светските сцени. Стјепан успеа да сними и видео за македонската песна кое за кусо време доби над стотина илјади „кликови“ од целиот свет.
„Оваа македонска песна е доказ дека музиката не знае за граници“, со особена радост истакнува Хаусер. Тој додава дека во Македонија секогаш доаѓа со големо задоволство и приватно и професионално. Особено е воодушевен од убавините на Охрид и Езерото. За ова лето планира во Балканскиот Ерусалим да оддржи концерт. (Д.М.) фото: архива