понеделник, февруари 16, 2026
Дома МАГАЗИН Хрватите со контроверзниот женски „Лелек“ на евровизискиот фестивал во Виена

Хрватите со контроверзниот женски „Лелек“ на евровизискиот фестивал во Виена

421

Со песната „Андромеда“, контроверзниот женски состав „Лелек“ убедливо победи на вчерашниот хрватски избор за годинашната Песна на Евровизија, со освоени 173 поени од публиката и од стручното жири во Големото финале. На тој начин, девојките од овој состав, за кои многу хрватски новинари напишаа дека со самата своја појава потсетуваат на Франкенштајн и ја замрзнуваат крвта во вените, предизвикаа многу коментари во цела Хрватска – од одобрување, до тоа да им се забрани да настапат во мај, во Виена. Сепак, една од девојките, Корина Рогиќ, вели дека е горда на победата. –Чувството ми е премногу чудно, како да сонувам… Уште повеќе ќе вежбаме за да не ја разочараме нацијата, бидејќи голема желба ни е да влеземе во евровизиското финале.

Оваа необична група, која ја споредуваат со финската машка група „Лорди“ која победи на Евровизија, исто така, со некој си имиџ на Франкенштајн, настапи на хрватскиот избор и минатата година, но не победи. Оваа сегашна победа им ја отвора ширум вратата на естрадните европски сцени. Но, сè зависи од пласманот на Изборот во Виена, кон средината на месец мај.

И, пак да се потсетиме дека Македонија трета година по ред не учествува на Песна на Евровизија. Колку е тоа добро или не, мислењата се крајно поделени. Додека народот по социјални мрежи коментира дека не треба да учествуваме и дека трошиме толку многу пари за нешто што не вреди, музичарите и пејачите се за тоа Македонија итно да се врати на евровизиската сцена.

– Што бараме ние на Евровизија? Колку да се прошета нашата делегација секоја година! Само тоа и ништо повеќе. Песните секогаш ни се очајни, немаме хитови, а од сценските настапи на најголемиот дел од тие странски учесници ни се повраќа, велат луѓето во Македонија.

(Д. М.) фото: ХТВ

 

ИЗДВОЕНИ