Хрватска е омилена летна дестинација за повеќето Чеси со децении, но меѓу локалното население немаат некој многу ласкав прекар. Бидејќи доаѓаат на одмор натоварени со конзервирана храна од нивната татковина, Хрватите ги нарекле „паштикаржи“ (паштетари) – термин што потекнува од зборот „паштета“ и се користи како навредлив термин за туристите кои избегнуваат да трошат пари во локалните ресторани.
Иако некој би помислил дека овој стереотип денес е минато, во 2025 година многу Хрвати не се согласуваат.
„Да, токму така го замислуваме просечниот Чех и морам да кажам дека мнозинството сè уште се вклопува во таа слика“, вели Ивица, сопственик на ресторан од Сплит.
Неговиот колега Анте не е поблаг во зборовите.
„Не ги сакам премногу Чесите, тие се доста ниско на мојата листа на приоритети, па кога можам, им давам предност, да речеме, на Германците, Австријците или Холанѓаните. Понекогаш доаѓаат и само седнуваат на масата без да поставуваат прашања. Потоа им ставаме до знаење дека не се добредојдени, така што, да речеме, ги игнорираме.“
Анте додава дека заработува половина помалку од маса каде што седат Чеси отколку кога таму седат други гости. Тој се пожали и на бакшишот што го оставаат – честопати не надминува ниту 10 проценти, што се смета за минимално во Хрватска.
Чесите, покрај прекарот „паштетари“, меѓу Хрватите се познати и како „пивопијачи“. Но, бидејќи цената на овој омилен пијалок на некои места се искачи на 6 евра, Чесите воопшто не се задоволни од тоа, па затоа гласно коментираат за тоа во рестораните. Затоа сопствениците на ресторани повеќе не се насочени кон оваа клиентела, туку претпочитаат да пречекуваат туристи од други земји.
Чесите ги повикуваат Хрватите да го преиспитаат својот пристап
Чешките туристи, сепак, се бранат и ги повикуваат домаќините да го преиспитаат својот пристап и политиката на цени, бидејќи ситуацијата станува неподнослива, пишува mix24.cz.
„Разговаравме и со Германци кои се очајни поради тоа колку е зголемена цената на храната во рестораните овде. Тие се навикнати да јадат надвор, но сега едноставно повеќе не можат да си го дозволат тоа. Тие навистина не го очекуваа ова“, вели Јан од Берун, додавајќи дека според него морската храна најмногу поскапела.
И со пијалокот не е ништо подобро.
„Пивото чини околу 5 евра во просек, понекогаш и повеќе. Тоа е поскапо отколку во Германија, а тое е тука е стандард – речиси и да нема поевтино. Речиси се чини како угостителите да се согласиле цените да бидат вештачки високи“, ја опиша тој ситуацијата на Јадранското Море и заклучи дека цените веројатно се повисоки само во Франција и Данска.