Бактерии, пестициди, нејодирана сол – што, всушност, јадеме?

Бактерии во минерална вода, нејодирана сол, пестициди во зеленчук, се само дел од причините поради кои од почетокот на годинава се уништени повеќе од 56 тони храна во Македонија како несигурна за потрошувачка. Контролите се засилени, санкциите се зголемени, а граѓаните сѐ поактивно укажуваат на пропусти. АХВ информира дека инспекциските служби спровеле преку 12.000 контроли во домашниот промет со храна, при што биле изречени 1.325 мерки, од кои 260 се парични казни, додека остатокот се однесува на привремени забрани за работа, санкции и прекршочни постапки

1892

Се вршат дополнителни контроли на секоја пратка која се увезува во земјата, а се контролираат и домашните маркети и пазари. Генерално, македонските граѓани јадат безбедна храна, но покрај институциите и тие треба да алармираат за недоследности поврзани со безбедноста на храната, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Оттаму информираат дека најчесто наводите поврзани со безбедноста на храната се однесуваат на продажба на производи со поминат рок, работа без одобрение, присуство на контаминенти во производ, сомневање за труење со храна и продажба на производи со променети органолептички својства, како и сомневање во квалитетот на производот.

Со оглед на високите температури, остануваат и препораките што и како да консумираме за да се спречи појава на труење со храна. Од АХВ најавија засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.

Од лани во јуни досега, АХВ одзела и уништила околу 300 тони небезбедна храна, а само годинава дури 56 тони. Извршени се и 12 илјади инспекции само во внатрешниот промет, а за утврдените недоследности се изречени 1.325 мерки, од кои 260 парични казни и времени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави, информираше директорот на АХВ, Оливер Миланов.

-Од почетокот на годинава како небезбедни се вратени 10 пратки, најголемиот дел поради увоз од забранети региони/држави. Уништена е една пратка со храна од животинско потекло со тежина од 207 тони, а како небезбедни се уништени и околу 30 тони храна од неживотинско потекло, повеќе од половината небезбедна минерална вода од увоз, поради бактериолошка загаденост, недоволно јодирана сол и утврдени остатоци од пестициди во зеленчук, потенцира Миланов.

Од почетокот на годинава досега преку Одделението за заштита на потрошувачите се поднесени повеќе од 360 иницијативи за вршење на инспекциски надзор.

-Одговорност за безбедноста на храната имаат сите – од државата која ги креира политиките, создава услови и спроведува контроли до граѓаните како крајни потрошувачи. Не е важно само дали и што ќе јадеме, туку и колку храната на нашите трпези е безбедна. Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од небезбедна храна, а за нивно лекување се трошат околу 15 милијарди долари. Од небезбедна храна луѓе и умираат, а нивниот број годишно се движи околу 420.000. Еден од десет луѓе се разболува од контаминирана храна секоја година, а повеќе од 200 болести се предизвикани од консумирање небезбедна храна со бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции како што се тешките метали. Овие бројки може да се спречат само кога безбедноста на храната е приоритет, подвлече директорот на АХВ.

АХВ го одбележа Светскиот ден за безбедноста на храната акцентирајќи ја важната улога на науката во креирањето и носењето на одлуки за храната со цел потрошувачите да бидат поинформирани.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ