петок, февруари 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Храна со поминат рок, ориз со црви, месо со вода… им нема...

Храна со поминат рок, ориз со црви, месо со вода… им нема крај на измамите на трговците

Акциите не смеат да бидат параван за продажба на производи пред изминување на рокот. Од Организацијата на потрошувачи предупредуваат дека често се продаваат производи пред истекувањето на рокот, со попусти, и апелираат до потрошувачите да отвораат четири очи кога купуваат во маркет и да внимаваат што ставаат во кошничката. Производи со поминат рок, ориз со црви, расипано сирење, месо со вода се само дел од долгата листа на поплаки од потрошувачите. Иако постои можност да се врати производот, купувачите често се соочуваат со непријатна ситуација кога не сакаат да им го заменат со друг или да им ги вратат парите, со што ги доведуваат во опасност и идните потрошувачи

86

Граѓаните треба да бидат особено внимателни при купувањето прехранбени производи, особено оние што лесно и брзо се расипуваат. Несоодветното складирање и непочитувањето на роковите на траење може сериозно да го загрозат здравјето на потрошувачите. Затоа експертите апелираат внимателно да се проверуваат декларациите, рокот на употреба и условите во кои се чуваат производите пред да се стават во кошничката. Производи со поминат рок, ориз со црви, расипано сирење, месо со вода… се само дел од долгата листа на поплаки од потрошувачите. Покрај можноста да се врати производот ако е несоодветно спакуван, расипан, девакумиран… купувачите често се соочуваат со непријатна ситуација кога не сакаат да им го заменат со друг или да им ги вратат парите, со што ги доведуваат во опасност и идните потрошувачи.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат за весникот ВЕЧЕР граѓаните да внимаваат кога купуваат храна, бидејќи се случува во маркетите, со акциите 2+1, да им подметнат храна со поминат рок на употреба.

– Забрането е да се продава храна со поминат рок и инспекторите од Агенцијата за храна треба веднаш да реагираат кога ќе се случи вакво нешто. Производите на кои им испекува рокот на употреба треба да бидат одвоени на посебни места и да бидат означени, а не да стојат на полицата на која стојат истите производи. Потрошувачите секогаш треба да внимаваат кога е намалена цената на производот, да видат дали тоа е поради рокот на употреба, кој е прикрај, или поради нешто друго. Ако производот е прикрај со рокот, треба јасно да стои на него дека се работи за производ на кој му истекува рокот – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Согласно со Законот за безбедност на храната, не се дозволува продажба на производите откако ќе им истече рокот, но потрошувачите мора внимателно да го проверат датумот и да купуваат само количина што може навреме да ја искористат.

– Акциската продажба е законски дозволена, но единствен услов е производите да имаат рок на траење. Расипаната храна може да предизвика разни болести и одредени здравствени тегоби. Што се однесува со девакумираните производи, тие треба да се повлечат од полица и да им ги вратат парите на купувачите што купиле ваков производ. Купувачите секогаш треба да го гледаат датумот на производство и ако не е читлив, да не го купуваат производот или да ги прашаат продавачите – вели Лончар-Велкова.

Потрошувачите реагираат и за преголемата количина вода во свежото месо. Велат дека месото што тежи килограм на вага, дома е полесно за неколку стотици грама. Од ОПМ велат дека ако пушта месото вода, тоа не значи дека не е безбедно, туку повеќе тежи и купувачот треба да плати повеќе.

– Често се случува во свежото месо и во некои сувомесни производи да има повеќе вода. Значи, една е грамажата што ја купуваш, а друга кога ќе го измериш месото дома. И покрај тоа што е безбедно месото за употреба, плаќаш поголема грамажа, а храната е скапа, што не е во ред и ова е еден вид нечесна трговска практика – велат од ОПМ.

Дека се продава ваква храна, доказ е неодамнешното соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство, која објави дека наплатила приближно 40.000 евра во денарска противвредност за 22 казни. Казните биле изречени од инспекциската служба на Агенцијата за храна и ветеринарство на оператори со храна, во рамките на спроведените вонредни надзори во маркетите и хипермаркетите на целата територија на државава.

Кај 10 оператори, со контролите се утврдени полесни повреди од областа на безбедноста на храната, неселектираност на разладните уреди, нејасни и нечитливи декларации на производите и слично, за што се изречени мерки опомена, а во два маркети е констатирано  дека вработените лица немаат санитарни книшки. Кај шест од контролираните маркети е утврдено дека ги немаат имплементирано процедурите за примена на правилата на добра производствена и добра хигиенска практика, а кај 14 маркети била затечена храна со изминат рок на траење.

Како небезбедни во рамките на оваа акција на Агенцијата, од операторите биле одземени и нештетно уништени над 253 килограми храна, месо, преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ