Комуналните екипи на Општина Аеродром спроведуваат интензивно хортикултурно уредување на една од најфреквентните локации во населбата Ново Лисиче, што се наоѓа во делот меѓу станбените згради, паралелно со булеварот „Видое Смилевски-Бато“.
– Првпат по подолг период се засадува ново зеленило, декоративни растенија и цвеќе, се оформуваат тревни површини и се уредува просторот со цел да се создаде пријатна и уредна урбана целина. Просторот добива свеж и разубавен лик, што ќе придонесе за поквалитетна животна средина, поубава секојдневна слика и попријатно движење за жителите и минувачите – соопштија од Општина Аеродром.
Оттаму додаваат дека во изминатиот период целосно бил заменет и плочникот со нови елементи за безбедно движење.
– Продолжуваме да вложуваме во зеленило и уредени јавни простори, затоа што чиста и здрава околина значи подобро секојдневие за сите – нагласуваат од локалната самоуправа.












