Бугарските власти истражуваат убиство на шест лица на две локации, поврзани со невладина организација за животна средина. Полицијата соопшти дека истражува неколку верзии за настаните, а според медиумите, не е исклучена и можноста убиствата да биле поврзани со култ во кој се вклучени тинејџери и деца.
Минатата недела, полицијата пријави убиство на тројца луѓе на возраст од 45 до 51 година во близина на запалена планинска куќа на превојот Петрохан, во северозападна Бугарија, која била во сопственост на невладина организација.
Според податоците од обдукцијата, се претпоставува дека поминале помеѓу 12 и 18 часа од убиството до откривањето на телата на трите жртви. Убиените се идентификувани како угледен адвокат со меѓународно искуство, сопственик на книговодствена фирма и инструктор по нуркање. По откривањето на телата на кои имало прострелни рани, полицијата издаде потерница по тројца осомничени – директорот на невладината организацијата и сопственик на колибата, Ивајло Калушев, познат екстремен нуркач, морепловец и филмски продуцент, кој со години бил истакнат екоактивист и по две момчиња, кои, како што се претпоставуваше, избегале заедно со него.
Но, како што јави БТВ, во неделата, овчар случајно ги пронашол телата на Калушев, на 15-годишно и на 22- годишно момче во камп-приколка во шума.
На местото на настанот во тек е истрага, а просторот е блокиран. Засега нема официјални информации во врска со случајот.
Претходно, вршителот на должноста главен обвинител на републиката, Борислав Сарафов, ги презентираше деталите од истрагата за инцидентот со „хорор колибата“, споредувајќи го со американската ТВ-серија „Твин пикс“.
– Работам како истражител и обвинител 31 година, и сум видел многу, но она што го гледам сега дефинитивно ме шокира. Покрај тоа, бев шокиран не само од убиството туку и од активностите на невладина организација која, се чини, се обидела да ја преземе работата на државните органи, но дејствувала во свој интерес, рече Сарафов, додавајќи дека не можел ни да претпостави дека постои вакво нешто.
Извори од истрагата за БГНЕС потврдуваат дека жртвите биле дел од затворена група со карактеристики на култ, која официјално се занимавала со „заштита на шумите и со животната средина“ и истовремено спроведувала паравоени обуки. Изгорената хорор-колиба во која беа пронајдени првите три тела, претходно била строго обезбедена со огради, камери, бариери, дури и со дронови за надзор.
Локални жители тврдат дека членови на групата им барале документи и го ограничувале пристапот на туристи. Во колибата биле пронајдени многу законски регистрирани оружја, а државните служби бараат одговор на прашањето кој ја дозволил оваа активност.
Државната агенција за национална безбедност потврди дека во дојава од 2024 година биле наведени сомневања за сексуална злоупотреба на деца, паравоени структури и секташки практики, но истрагата била блокирана од неподготвеноста на родителите на децата од кампот да сведочат.












