Хорор на фестивал во Мјанмар, параглајдер фрлал бомби: „Собиравме делови од тела“

71
pexels

Најмалку 40 лица се убиени, а 80 се повредени во Мјанмар откако параглајдер фрли две бомби врз луѓето што се собираа на фестивалот Тадинѓут.

Нападот се случи во понеделник вечерта во општината Чаунг во централниот дел на земјата, каде што стотици луѓе се собраа за да ја одбележат полната месечина Тадинѓут, еден од најважните будистички празници во Мјанмар.

Сведоци наведуваат дека парчиња метал и остатоци летале во воздухот во времето на експлозиите и дека голем број луѓе биле убиени од шрапнели, пишува The Sun. Нападот се случил додека многумина палеле традиционални ламби и го славеле празникот, додека некои истовремено протестирале против воената хунта што ја презеде власта со воен удар во 2021 година.

Од воениот удар во 2021 година, земјата е вовлечена во граѓанска војна. Судирите меѓу армијата, вооружените групи на отпор и етничките групи оставија илјадници мртви, а милиони раселени. Иако хунтата ја изгуби контролата врз повеќе од половина од земјата, неодамна повторно оствари значителни придобивки, главно благодарение на бруталната кампања на воздушни напади и тешко бомбардирање.

Регионот Сагаинг, каде што се случи нападот, е клучно бојно поле во војната. Големи делови од регионот се под контрола на Народните одбранбени сили (PDF), доброволна сила формирана за борба против воената влада. Локален службеник на PDF изјави за Би-Би-Си дека имале информации за можен воздушен напад и се обиделе брзо да го растурат собирот, но параглајдерот пристигнал порано од очекуваното.

Според него, сè се случило за само седум минути. Тој самиот бил ранет во ногата, додека луѓето во негова близина биле убиени. Мештаните рекле дека по нападот било тешко да се идентификуваат телата на жртвите. „Децата биле целосно растргнати“, изјавила за АФП жена која помогнала во организирањето на настанот. Иако не била на местото на нападот, таа присуствувала на погребите во вторник и додала дека сè уште собираат делови од тела.

ИЗДВОЕНИ