По хаотичната трка во Силверстон, шефот на „Ред Бул“, Кристијан Хорнер, доби отказ од тимот и тоа откако имаше неколку интересни коментари за возачот на „Мерцедес“, Џорџ Расел.

Иако прашината сè уште не се смири по казната од 10 секунди што Оскар Пјастри ја доби за наводно „непредвидливо сопирање“ под безбедносното возило, Хорнер го насочи вниманието кон нешто друго. Тој се присети на слична ситуација во Монтреал, каде што Расел изврши речиси идентичен маневар – но без никакви последици.

  • Искрено, не бев изненаден што Оскар беше казнет. Уште повеќе бев изненаден што Џорџ не беше казнет во Монтреал, рече Хорнер.

„Ред Бул“ потоа формално протестираше против Расел, тврдејќи дека неговиот ненадеен маневар под безбедносното возило бил неспортски, но ФИА не изрече казна.

Хорнер не застана тука, туку додаде уште една реченица која брзо стана хит на социјалните мрежи:

  • Ќе се фокусираме на позитивните страни. Знаеме каде треба да се подобриме. И го надминавме Џорџ Расел по бодови, додаде Хорнер, кому ова му беше последна изјава како член на Ред Бул.

Трката во Силверстон беше предизвикувачка за „Ред Бул“, особено поради стратешката дилема со поставеноста на болидот.

Болидот на Верстапен беше поставен речиси како за Монца, со многу малку прилепување – што му ја даде пол-позицијата на суви услови во саботата.

Но, неделниот дожд ги искомплицира работите.

  • Целосно го „исчистивме“ болидот, како да возевме во Монца. Добро функционираше за квалификациите, а Макс направи фантастичен круг за пол-позиција, израмнувајќи го рекордот на Фетел, објасни Хорнер.

Во изјавата не се наведуваат причините за разрешувањето на Хорнер, туку дека Лоран Мекис е назначен на неговата позиција.

Хорнер (51) е директор на Ред Бул од 2005 година, а за време на неговиот мандат тимот освои осум титули светски шампион во конкуренција на возачи и шест во конкуренција на конструктори.

Тие станаа еден од најуспешните тимови во историјата на спортот, но не беа толку успешни минатата сезона и се во сенка на Мекларен.

Ред Бул е само четврти во шампионатот на конструктори, што е далеку под очекуваните стандарди, а Хорнер беше обвинет за несоодветно однесување кон колешка на почетокот на годината, па затоа ова можеби влијаело на одлуката на компанијата.

  • Ред Бул го разреши Хорнер од неговите оперативни должности и го назначи Лоран Мекис за извршен директор на Ред Бул Рејсинг, се вели во соопштението на Ред Бул.

ИЗДВОЕНИ