Извршниот директор на Ред бул, Кристијан Хорнер (51), дебело наплати за отказот од Формула 1 тимот, инкасирајќи дури 60 милиони евра. Заминувањето стана дефинитивно по објавувањето на британскиот тим, кој го водеше од неговото основање во 2005 година до оваа година, кога ќе го наследи Лоран Мекис (48).

Кристијан Хорнер беше најмладиот лидер на тимот пред 20 години, а од 2009 година и по доаѓањето на Себастијан Фетел, тој ги постигна своите први огромни успеси, создавајќи шампионска династија и освојувајќи четири титули и во конкуренцијата на возачи и во конкуренцијата на конструктори.

На почетокот од оваа деценија, под негово водство, Ред бул повторно воспостави доминација, со подемот на Макс Верстапен, освојувач на титулите од 2021 до 2024 година, со титулите за конструкторите во 2022 и во 2023 година.

  • Сега е време да се збогуваме, по вкупно 128 победи на возачите на Ред бул во текот на неговиот мандат – гласеше веста од Ред бул.

Веста за неговото заминување не е нова, бидејќи ова лето, на средина од тековната сезона, тој беше отпуштен и деградиран на пониска позиција во тимот, поради лошите резултати, тензиите и наводно несоодветно однесување.

Според Би-би-си, платата на Хорнер изнесувала 12 милиони евра годишно и тој имал договор до 2030 година. Беше отпуштен на 9 јули, па се проценува дека износот од околу 60 милиони евра ќе биде надоместок за платите што би ги добивал до крајот на договорот.

Претпоставка е дека во евентуален правен спор, Хорнер и неговите адвокати би ја довеле во прашање оправданоста на одлуката за негово отпуштање, што следствено би довело до дополнителни компликации. Затоа, двете страни дефинитивно се согласија дека ќе биде исплатен.

 

ИЗДВОЕНИ