Хонорарите на пејачите над 5.000 евра – без жива музика нема забава, а нема ни гости

И покрај тоа што во некои кафеани менијата се оскудни, цените се солени. Но, кафеанџиите знаат дека овој месец им е ударен и гледаат да заработат повеќе. Велат дека високата инфлација и покачените плати на вработените кои во некои ресторани речиси и да ги нема, играат голема улога во зголемените цени. Дел од кафеанџиите, пак, велат дека најмногу пари одат кај пејачите, а предновогодишна забава не се прави без жива музика. Македонските пејачи за една вечер бараат од 400 до 2.000 евра, а српските се двојно поскапи и за една вечер бараат од 5.000 евра нагоре

0

Во кафеаните фрчат резервации за предновогодишни забави, а во некои веќе нема место и речиси сè е резервирано до крајот на декември. Може да се резервира само во оние ресторани во кои нема жива музика и кои не се луксузни. Речиси стана традиција секоја компанија да организира предновогодишна забава за да ги почести своите вработени за постигнатиот успех и за да ја заокружат годината. И покрај тоа што во некои кафеани менијата се оскудни, цените се солени. Но, кафеанџиите знаат дека овој месец им е ударен и гледаат да заработат повеќе. Велат дека високата инфлација и покачените плати на вработените кои во некои ресторани речиси и да ги нема, играат голема улога во зголемените цени. Тука се и високите хонарари на пејачите кои ја креваат цената на услугата, а угостителите велат дека без жива музика нема забава, а нема ни гости.

– Како и секоја година, така и оваа имаме многу резервации за предновогодишни забави. Има денови кога капацитетот е целосно пополнет, но има денови каде што има уште места бидејќи просторот е голем и може одеднаш да се организираат повеќе корпоративни забави. Можам да кажам дека моментално 60 отсто од капацитетот е пополнет. Имаме богата програма со жива музика и настап на повеќе македонски музички ѕвезди. Менијата се за сечиј џеб и се движат од 1.000 денари па нагоре, во зависност од тоа дали е само храна или и пијалак. Најевтини се менијата само со храна, а поскапите менија вклучуваат неограничено пиење и повеќе храна. Просечна цена на менијата е 1.500 денари, изјави за весникот „ВЕЧЕР“, Никола Талев, сопственик на популарен скопски ресторан.

И, Здравко Добревски, сопственик на една скопска кафеана вели дека најмногу пари им одат на пејачите, а предновогодишна забава не се прави без жива музика.

– Пејачите многу ги кренаа цените, македонските пејачи за една вечер бараат од 400 до 2.000 евра, зависи кој, зашто секој си има своја цена. Српските пејачи се двојно поскапи и за една вечер бараат од 5.000 евра нагоре. А, предновогодишна забава без жива музика не бива, изјави Добревски за весникот ВЕЧЕР.

Што се однесува до предновогодишните менија, тој вели дека цените се за сечиј џеб, има со поевтини пијалаци и помалку храна, а има и менија со виски и со печено прасешко.

– Најевтиното мени е 1.450 денари и во него е вклучено салата, мезе, похувани јадења и неограничено пиење. Потоа имаме мени од 1.850 денари и разликата е во пијалаците, во ова мени имаме пакувано вино и странски пива, а во тоа од 2.150 денари има плус и виски, повеќе мезе и повеќе храна. Менито за дочек на Нова година е 2.500 денари со сè вклучено, плус руска салата, кифли, сарма и печено прасешко, вели Добревски.

Еден од сопствениците на скопски ресторан во Дебар Маало вели дека годинава интересот за резервации е значително зголемен.

– Иако има речиси еден месец до Нова година, веќе сме речиси целосно резервирани за декември. Компаниите се обидуваат навреме да обезбедат место за своите вработени, што покажува дека предновогодишната еуфорија започнува рано, изјави тој.

Сопствениците на угостителски објекти велат дека не може да се гледа само на цената бидејќи на неа влијаат многу фактори, за каков ресторан или кафеана се работи, каква програма се нуди за тој настан или забава, дали има жива музика, кој ќе настапува… Има фирми кои предновогодишните забави ги организираат во последната недела пред Нова година, па поради тоа и цените за нив се повисоки.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ