​Гран при за најдобар краток филм на 20. издание на „Астерфест“ доби холандскиот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам. Со „Златната потковица“ се закити македонскиот „Избор“ на Марко Црногорски, „Сребрената потковица“ ја доби полско-францускиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, а „Бронзената потковица“– францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадун и Софијан Шуеб.

Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“, пак, му припадна на хрватскиот „Самотија“ по сценарио на Боби Грубиќ и Миро Гавран. Наградата за најдобар режисер, „Ацо Алексов“, отиде кај швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов. Специјални признанија од жирито добија и македонскиот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска. Наградата од публиката ја освои, пак, британско-полскиот „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.

Одлуката едногласно ја донесе жирито на годинешното издание на фестивалот во состав од филмските автори Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, од годинешните филмови кои беа во натпреварувачката селекција.

Наградите ги примија дел од присутните автори, а во име на филмот „Јас не сум робот“, наградата ја прими амбасадорката на Холандија во Македонија Н. Е. Узлем Џанел. Вечерва, на петтиот и последен ден од 20. „Астерфест“, со почеток во 20:30 ч., во Амфитеатарот во Струмица ќе се прикажат наградените филмови.

На фестивалот се прикажа и долгометражниот игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, а специјална проекција во чест на еден од лауретатите на годинешното издание, актерот Емил Рубен, имаше среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов.

Пред самиот крај на Фестивалот, режисерот и сценарист Милчо Манчевски, лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм, на сетот од снимањето на филмот „Збогум, Копакабано“, ја прими наградата од основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски.

Во текот на фестивалските денови, гостите имаа филмска посета на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а во „Јуроп хаус“ се одржа и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература, на која зборуваа Зоран Стефановиќ, Мимоза Рајл, Сузана Мицева и Софија Тренчовска.

Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ оваа година се одржа под мотото „Филмски крстопати“ и е поддржан од Општина Струмица.

ИЗДВОЕНИ