четврток, февруари 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Холандската филијала на модната куќа „Луј Витон“ е казнета со 500.000 евра...

Холандската филијала на модната куќа „Луј Витон“ е казнета со 500.000 евра за перење пари

25
Фото:википедија

Холандската филијала на францускиот производител на луксузни стоки „Луј Витон“ се согласи да плати половина милион евра во вонсудска спогодба врз основа на заклучокот од истрагата за перење пари, соопшти денес холандското обвинителство.

Обвинителите изјавија дека модната куќа не го почитувала Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам откако беше откриено дека 36-годишна жена осомничена за криминални врски постојано користела различни имиња од 2021 до 2023 година за да купи „луксузна стока од трговци на мало како Луј Витон“ во вредност од повеќе од два милиони евра.

Обвинителите тврдат дека обвинетата жена потоа ги испратила луксузните чанти во Кина за препродажба за да изгледа дека нејзиниот приход доаѓа од легитимна трговија.

Таа и уште двајца осомничени, вклучувајќи поранешен продавач во продавница на „Луј Витон“ во Холандија, се соочуваат со кривични обвиненија за перење пари. Продавачот веднаш штом ќе пристигнат скапи чанти ќе ја извести жената да дојде и да ги купи, и ќе ја предупреди ако нејзините купувања се приближуваат до прагот на трошење што „Луј Витон“ мора да го пријави на властите како сомнителен.

„Луј Витон“ го прекрши Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам… и не направи доволно за да ги спречи своите клиенти да перат пари. Во текот на долг период, компанијата не успеа правилно да ги идентификува клиентите кои постојано доаѓаа да трошат големи суми готовина“, се вели во соопштението на обвинителството.

Компанијата „Луј Витон“ сè уште не го коментираше случајот.

Спогодбата со холандската филијала на „Луј Витон“ беше постигната надвор од судот „за да не се зафати ограничениот простор на судницата на Окружниот суд во Ротердам“, рекоа обвинителите, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ