Холандија прогласи двајца крајно десничарски израелски министри за „персони нон грата“

47
EPA/OLIVIER MATTHYS

Холандија денес ги прогласи израелските министри за национална безбедност Итмар Бен-Гвир и финансии Безалел Смотрих за персони нон грата и „непожелни странци“.

Ова го објави синоќа шефот на холандската дипломатија Каспар Велдекамп во писмо во кое се дискутира за хуманитарната ситуација во Газа.

„Кабинетот одлучи да ги прогласи израелските министри Смотрих и Бен-Гвир за персони нон грата и се обврза да ги регистрира како непожелни лица во Шенгенскиот систем за регистрација SIS“, напиша Каспар.

Во своето писмо, холандскиот министер ја пренесе желбата на Холандија да ги ублажи страдањата на населението во Газа и да ја разгледа можноста за придонес во испораката на помош.

„Фрлањето храна од воздух е релативно скап и ризичен начин за обезбедување помош, и затоа Холандија презема мерки за поддршка на поголема копнена помош“, рече тој.

Двајцата израелски министри за кои станува збор „постојано го охрабруваа насилството на доселениците врз палестинското население, постојано се залагаа за проширување на нелегалните населби и повикуваа на етничко чистење во Појасот Газа“, продолжи Каспар.

Во реакција на оваа забрана, Бен Гвир на социјалните мрежи напиша: „Дури и ако ми биде забранет влезот во цела Европа, ќе продолжам да работам за нашата земја“. Тој ја критикуваше Европа за, како што рече, нејзината „толеранција кон терористите и бојкот на израелските лидери“, нарекувајќи го тоа двојни стандарди.

Смотрич ја обвини холандската влада дека „попушта пред лагите на радикалниот ислам“. Тој на платформата „X“ објави: „Она што не го разбираат во Холандија и другите европски земји е дека за мене е многу поважно од влегувањето во Холандија моите деца, внуци и правнуци, како и децата на сите Евреи во светот, да можат да живеат безбедно во Државата Израел со децении и векови што доаѓаат“.

ИЗДВОЕНИ