Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина, како и за поддршката на процесот на европска интеграција на државата.
На средбата, министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на Северна Македонија, особено во спроведувањето на реформските процеси и во ефикасното користење на ИПА средствата. Тој нагласи дека еден од клучните приоритети на Министерството е воспоставувањето одржлив и модерен систем за управување со цврстиот отпад, како и значајно унапредување на инфраструктурата за третман на отпадни води.
Овие активности се дел од имплементацијата на Секторските оперативни програми за животна средина и климатска акција, кои се реализираат преку ИПА II и ИПА III програмите.
Посебен акцент беше ставен на улогата на Француската агенција за развој, како и на регионалниот проект за еколошка правда, кои имаат значаен придонес во зајакнувањето на институционалните капацитети, меѓуинституционалната соработка и владеењето на правото во областа на животната средина.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Франција, во духот на европските вредности, одржливиот развој и заштитата на животната средина.












