Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светска банка, предводени од г-ѓа Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за понатамошно продлабочување на проектите за управување со квалитетот на воздухот.

На средбата беше констатирано дека моментално се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон намалување на аерозагадувањето, но дека сепак постои потреба од дополнителни инвестиции.

Министерот Хоџа нагласи дека негов приоритет е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, со акцент на долгорочни и одржливи решенија, кои бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка при спроведувањето на реформите.

Во таа насока, Хоџа изрази подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, со цел заеднички да се подобри квалитетот на воздухот и да се заштити здравјето на граѓаните.

Министерот посочи дека Владата и Министерството континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Сепак, останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

ИЗДВОЕНИ