Направивме нешто освежувачко во овој топол дел од годината, нешто забавно, но и автентично. Музика што ќе ја почувствуваш од првиот такт, баш како првиот летен допир со езерската охридска бистра вода, објаснува Бојан, вокалот во групата
Со ритамот на брановите (езерски, пред сè), свежа енергија и позитивни вибрации, македонската музичка сцена деновиве добива нов летен хит. Станува збор за песната „Ова лето“, која често се врти на радио и на ТВ-брановите. Тоа е најновото музичко македонско остварување на групата „Здраве мјузик“, зад која стојат одлични автори и уште подобри интерпретатори.Групата е составена од Бојан Здравески (хармоника и вокал), неговиот брат, Дарко Здравески (кларинет), и вокалистот Благојче Тодоровски. Досега ги знаевме како дел од фолк-музиката. Но поради сè поголемиот интерес и настапите низ клубовите, тие „пресекоа“, па направија чекор понапред. Влегоа со многу оптимизам и во забавните музички води.
– Сакавме да направиме нешто освежувачко во овој топол дел од годината, нешто забавно, но и автентично. Музика што ќе ја почувствуваш од првиот такт, баш како првиот летен допир со езерската охридска бистра вода, објаснува Бојан.
Песната е замислена нешто како химна на летото, полна со слобода, љубов и младешка разиграност. За музиката и текстот се погрижија токму браќата Арџиќ, кои веќе важат за едни од најталентираните авторски двојки на просторите на поранешната Југославија. Звучната слика е комплетирана од Андрејник, кој стои зад аранжманот, миксот и мастерингот, доловувајќи ја композицијата на високо продукциско ниво.
Оваа весела песна има и летен видеоспот. Снимен е на најубавите локации покрај Охридското Езеро, со сцени на катамаранот и учество на моделите од @Popeye-agency. Режисерскиот потпис повторно го носат браќата Арџиќ, а зад камерата е Милош Смит, кој секој кадар го претвора во прекрасна охридска разгледница. Што би се рекло, „очите да ти испаднат“ додека гледаш. Не трепнуваш!
Самите автори појаснуваат дека песната „Ова лето“ не е само некој обичен хит, туку е песна која буди страст, чувства, емотивни моменти. – Сакавме да создадеме нешто што ќе биде музичка заднина на вашите и на нашите најубави летни спомени. Нешто што мириса на крем за сончање, топол песок и првата љубов. Со современ поп-аранжман и заразен рефрен, оваа песна веќе стана број еден најпрво на социјалните мрежи, каде кружат видеа со предизвици, спомени и танцови инспирирани од неа. Се спомнуваат Охрид и охридските плажи, како и она специфично чувство што го имаме сите кога шетаме и по Камен мост во здивот на јули или додека пливаме на Градиште со звукот на гитара во заднината.
Но групата „Здраве мјузик“ не застанува тука. Песната „Ова лето“ е само почеток на еден нов гламур-правец во нивната музичка кариера – каде традицијата и модерното се спојуваат во нешто што звучи свежо, вистинито и – најважното, домашно, македонско. (Д.М.) фото:архива