Во Јапонија во среда наутро беше одржана минута молчење по повод 80-годишнината од фрлањето на атомската бомба од страна на САД врз градот Хирошима, јавува Анадолу.
Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба присуствуваше на церемонијата, заедно со претставници од целиот свет и градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи.
Мацуи предупреди на забрзаниот тренд на военото вооружување и идејата дека нуклеарното оружје е сè уште неопходно за националната одбрана, нарекувајќи го тоа грубо непочитување на лекциите што меѓународната заедница требаше да ги научи од трагедиите на историјата, објави Би-Би-Си.
Втората светска војна заврши со капитулација на Јапонија по фрлањето бомби на Хирошима и Нагасаки.
На 6 август 1945 година, во 8:15 часот по локално време, бомба со збогатен ураниум од четири тони, наречена „Мало момче“, експлодираше над Хирошима, уништувајќи околу 90 проценти од градот. Околу 80.000 луѓе загинаа речиси веднаш. Подоцна, како резултат на експлозијата, вкупниот број на жртви достигна околу 140.000.
Три дена подоцна, слична судбина го снајде и јапонскиот град Нагасаки. Експлозијата на бомбата со плутониумско јадро, наречена „Дебелко“, одзеде околу 40.000 животи, а околу 30.000 луѓе загинаа подоцна.
На 15 август 1945 година, Јапонија капитулираше и Втората светска војна заврши во Азиско-пацифичкиот регион.