Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека оваа сезона службите се поподготвени за справување со пожарите во однос на минатата година и најави показна вежба на која ќе биде прикажана модернизираната опрема. Новитет е тоа што дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, стари хермелини, питс гаиери и слично, коишто биле во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи се модернизирани, тие се обработени и им биле инсталирани посебни резервоари за вода, се купиле пумпи кои работат на висок притисок и на тој начин тие имаат пристап до непристапните терени. Мицкоски очекува дека ќе бидат направени околку 60 возила со различен волуменски капацитет за вода до 6 кубни метри
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека оваа сезона службите се поподготвени за справување со пожарите во однос на минатата година и најави показна вежба на која ќе биде прикажана модернизираната опрема.
– Секаде на Балканот на лето се случува сезона на пожари, но за разлика од претходните години, оваа година сме многу по подготвени. Пред сè, мислам на армиските и полициските хеликоптери – изјави Мицкоски.
Но, она што е новитет кој тој го најави е тоа што дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите хермелини, питс гаиери и слично, коишто биле во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи се модернизирани, обработени и им биле инсталирани посебни резервоари за вода, се купиле пумпи кои работат на висок притисок и на тој начин тие имаат пристап до непристапните терени.
Мицкоски очекува дека ќе бидат направени околку 60 возила со различен волуменски капацитет за вода до 6 кубни метри.
Поради топлото време сè повеќе се случуваат пожари насекаде низ Македонија, но надлежните служби засега успешно се справуваат со нив. Така, пожарот кој избувна во вторникот попладне околу 14 часот во непосредна близина на валандовското село Грчиште и кој се закануваше да ги зафати првите куќи во селото е ставен под контрола. Заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, информираше дека огнот го гаснеле повеќе од 60 луѓе, и поради големината на територијата што беше зафатена, екипи останале на терен да ја следат состојбата за огнот да не се разгори повторно.
При интервенцијата за гаснење на пожарот, како што истакна Михаилов, лесно биле повредени и двајца вработени во ЈП „Македонски шуми“, при што на едниот му била дадена кислородна поддршка, а другиот бил упатен во Општата болница во Струмица за понатамошна помош. Тој нагласи дека засега приоритет е заштитата на селата Марвинци и Балинци и секако после тоа сè останато.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), информираа дека покрај пожарот меѓу селата Грчиште и Марвинци, во овој регион има пожар и во Општина Богданци, на потегот од браната Паљурци до Богданци, каде гори ниска вегетација и грмушки.
Деновиве неколку пожари имаше и на територијата на општина Куманово.
За спрачување на евентуални нови пожари формирани се заеднички патроли на комуналната инспекција и на СВР Куманово кои ќе патролираат покрај најкритичните точки каде постојано се пали отпад. Од Општината велат дека несовесни граѓани палат смет и често се јавува опожарување или на ниска трева или на диви депонии. Освен тоа, напоменуваат дека откриле и сторители кои палат отпад, конкретно стари автомобилски гуми.
Поради тоа што на трасата помеѓу Романовце – Брзак – Агино село се јавува искрење на високонапонските жици на самата железничка траса и доаѓа до опожарување на тревата покрај железничкиот коловоз, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, најави дека ќе испрати допис до „Македонски Железници“, МЕПСО и ЕВН и ќе побара интервенција во рамките на нивните надлежности.
Ветераните Арсовски и Михалчев повторно ќе ги летаат „ер тракторите“
Пензионираните пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување, Стоје Арсовски и Васко Михалчев, повторно ќе бидат ангажирани во гаснење на пожарите со авионите „ер трактор“. Вчера в.д директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, потпиша договор со нив.
– Со ова, авионите на ДЗС ќе бидат оперативни за противпожарно дејство за гаснење на опасните пожари на отворено во нашата држава – соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.
Оттаму додаваат дека вториот авион на ДЗС се очекува за кратко време да биде вратен од редовниот сервис од Австрија.
(А.П.)