сабота, февруари 28, 2026
Дома СКОПСКА Хемиска пена истече од шахта на булеварот „Александар Македонски“ во Гази Баба,...

Хемиска пена истече од шахта на булеварот „Александар Македонски“ во Гази Баба, Орце Ѓорѓиевски најави санкции/ФОТО

72

Масивно истекување на хемиска пена од средишна шахта на булеварот „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба е забележано доцна синоќа, информираше на својот фејсбук-профил градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Истечената пена, како што посочи Ѓорѓиевски, потекнува од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.

На местото на настанот е извршен вонреден инспекциски надзор од Инспекторатот на Град Скопје, а инспекторите направија детален увид на терен.

„Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина. Надлежните институции веднаш постапија. Земени се примероци од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот што е во сопственост на правно лице“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Најави анализа на елаборатот за животна средина што фирмата е должна да го поседува, со цел да се утврдат причините и евентуалните неправилности во нејзините оперативни процеси.

„Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон фирмата ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки“, вели тој.

Според него, нема да биде дозволено никакво отстапување, а секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде институционално санкциониран.

ИЗДВОЕНИ