Забранета е употребата на хемикалијата триметилбензоил-дифенилфосфин оксид (ТПО) во козметичките производи во рамки на Европската унија. Забраната стапи на сила од 1 септември и го опфаќа производството и продажбата на сите производи што ја содржат супстанцата ТПО која се користи како фотоиницијатор во гел-лакови за нокти и УВ премази, поради потенцијални здравствени ризици.
Забраната се очекува да има значително влијание врз козметичката индустрија, особено салоните за нокти. Одлуката на Европската Унија е претпазлива и се базира на проценка на ризиците од долготрајна изложеност на супстанцата, а не на потврдени инциденти што вклучуваат корисници.
ТПО е клучна состојка што им овозможува на УВ геловите брзо да се сушат под ЛЕД или УВ ламби. Европската агенција за хемикалии и Научниот комитет за безбедност на потрошувачите ја класифицираа како токсична за репродуктивното здравје, потенцијален хормонски нарушувач и потенцијално, канцерогена.
Како одговор на оваа забрана, многу козметички брендови веќе почнаа да ги преформулираат своите производи. Наместо ТПО, се користат алтернативи како ТПО-Л (етил триметилбензоил фенилфосфинат), кој не е класифициран како опасна супстанција и има слични својства при стврднување на гелови.