Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денес изјави дека сојузниците на НАТО не можат да се потпрат на САД за нивна одбрана и дека треба да ја зајакнат сопствената одбрана.
„САД се горди што се тука и стојат со своите сојузници, но нашата порака ќе остане јасна: станува збор за одвраќање и мир постигнат преку сила, но не може да станува збор за потпирање на Америка“, изјави тој за новинарите пред денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, објави Политико.
Се очекува министрите денес да се согласат за целите за зголемување на воените капацитети и повисоки трошоци, отворајќи го патот за договор подоцна овој месец за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од бруто домашниот производ.
Во последните месеци, американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја доведуваше во прашање посветеноста на Вашингтон кон заедничката клаузула на НАТО позната како Член 5.
Според Хегсет, сите членки на НАТО мора да ја исполнат својата улога во одбраната на континентот и да придонесат пет проценти од БДП за одбраната.
Тој додаде дека е убеден дека таков договор ќе биде постигнат на самитот на НАТО во Хаг на крајот од овој месец.