Во текот на денешниот ден, од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека е нормализирано водоснабдувањето во градот и дека нивните екипи се на терен и интензивно работат на санација на дефектите. Оттаму наведоа дека причина за големиот дефект, кој остави половина Скопје без вода, биле повеќе краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија кај бунарите на Лепенец. Притоа, прекините предизвикале варијации на притисокот во пумпниот систем, што резултирало со пукање на главната водоводна цевка со дијаметар од 600 милиметри, на улицата „Франце Прешерн“ во населбата Влае. „Електродистрибуција“, пак, ги отфрли како невистинити наводите на ЈП „Водовод и канализација“ дека вчерашниот прекин во водоснабдувањето во неколку населени места во Скопје бил предизвикан од краткотрајни прекини на снабдувањето со електрична енергија во регионот кај бунарите на Лепенец. Тие тврдат дека напојувањето е согласно и во граница на пропишаните стандарди и дека не е регистрирано никакво отстапување
Голем дефект на водоводната мрежа во Скопје се случи во вчеравечер, поради што голем дел од градот: Влае, Ѓорче Петров, Карпош, Тафталиџе, Центар и Аеродром остана без вода или со значително намален притисок.
Граѓаните, револтирани од ваквата состојба, реагираа на социјалните мрежи.
– Нема парно, нема вода, ама платена политичка кампања од граѓаните на телевизија и на „Фејсбук“ има – пишуваат, револтирани, скопјани.
Други, пак, коментираат дека ЈП „Водовод и канализација“ бара уредно платени сметки, а два часа нема вода.
– Тотално сте неподготвени, а и ништо веќе не ме чуди во оваа држава. Ќе го средите проблемот за едно три-четири дена – се дел од реакциите на граѓаните.
Трети, пак, се шегуваа дека, можеби, и ова е еден од хибридните напади на центрите на моќ во државата и надвор од неа.
Во текот на денешниот ден од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека е нормализирано водоснабдувањето во градот и дека нивните екипи се на терен и интензивно работат на санација на дефектите.
Оттаму наведоа дека причина за синоќешниот голем дефект биле повеќе краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија кај бунарите на Лепенец. Притоа, прекините предизвикале варијации на притисокот во пумпниот систем, што резултирало со пукање на главната водоводна цевка со дијаметар од 600 милиметри, на улицата „Франце Прешерн“ во населбата Влае.
„Електродистрибуција“, пак, ги отфрли како невистинити наводите на ЈП „Водовод и канализација“ дека вчерашниот прекин во водоснабдувањето во неколку населени места во Скопје бил предизвикан од краткотрајни прекини на снабдувањето со електрична енергија во регионот кај бунарите на Лепенец.
Од „Електродистрибуција“ тврдат дека напојувањето е согласно и во граница на пропишаните стандарди и дека не е регистрирано никакво отстапување.
– Дефектот на кабелот меѓу трафостаницата 10/04 kV „Влае 2“ и трафостаницата 10/04 kV „Влае 1“ настанал во 18:18 часот во неделата (5.10.2025). При лоцирање на дефектот, се направени исклучувања на 10 kV извод „Карпош“ на дел од 10 kV извод „Влае“. Санацијата на дефектот е завршена во 20:50 часот, од страна на екипите на „Електродистрибуција“. Прекинот во водоснабдувањето настанал по повеќе од еден час од завршувањето на санацијата од страна на екипите на „Електродистрибуција“, односно околу 22:00 часот – аргументираат од „Електродистрибуција“.
Жителите на Влае раскажуваат дека околу 22:00 часот слушнале силна експлозија и почувствувале тресење на куќите. Првично мислеле дека станува збор за земјотрес, но потоа сфатиле дека се работи за пукната водоводна цевка.
– На улицата имаше огромна дупка, а водата течеше како река. Дворовите и подрумите почнаа да се полнат – велат жителите, додавајќи дека бил разнесен цел дел од сообраќајницата и дека биле расфрлани парчиња од коловозот насекаде, по што се отворил кратер.
Тие потенцираат дека асфалтот на оваа улица е само неколку сантиметри, дека поминуваат огромни и тешки камиони по неа, за изградба на згради и дека било само прашање на време кога ќе се случи тоа.
Екипите на „Водовод и канализација“ веднаш излегле на терен и го обезбедиле местото со импровизирана бариера за да спречат дополнително оштетување или несреќи. Работите за целосна санација на дефектот започнаа вчераутро.
Од претпријатието наведоа дека, и покрај сериозноста на дефектот, успеале да обезбедат алтернативен доток на вода преку цевковод од другата страна на Вардар, па водоснабдувањето постепено се стабилизирало.
Но, оттаму не сакаа да дадат детални информации зошто при последната голема интервенција на водоводна мрежа, на 21 декември минатата година, откако се појави дефект на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4, поради што со денови течеше вода по улицата, не било интервенирано и на потегот во Влае.
Тогаш, за санирање на дефектот, беше потребно да се исклучи главата водоводна цевка, а се работеше и на уште три дефекти на затворачи по должина на главниот цевковод Ф1.600 милиметри, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Никола Парапунов“.
Затворање на водата на главниот градски вод Ф1.600 милиметри, како што информираа тогаш од претпријатието, се прави еднаш на педесет години, а последното такво затворање било во 1991/1992 година, за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. Тогаш од претпријатието нагласија дека е потребна системска промена на пет децении старите затворачи и рехабилитација на хидротехничката опрема заради зголемување на трајноста на водоводната мрежа и заради подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.
(А. П.) Фото: Ѕ. П.