Ледена бура ја погоди Америка. Поларниот продор донесе екстремен пад на температурата на воздухот. Во федералните држави на север, температурата падна под минус 30. Ледено е дури и во државите на југ. Температурата во Оклахома падна на минус 20, дури и во Тексас под минус 10, а на брегот на Мексиканскиот Залив е смрзнувачко со температури под нула степени.
Температурата во Чикаго падна под минус 25 степени.
Во зимска бура што ги зафати Соединетите Американски Држави, загинаа најмалку седум лица и стотици илјади домаќинства останаа без струја. Училиштата и патиштата низ целата земја беа затворени, а бројни летови беа откажани бидејќи, според Националната метеоролошка служба (NWS), „опасните по живот“ временски услови се проширија од Тексас до Нова Англија.
Најмалку две лица починаа од хипотермија во Луизијана, додека смртни случаи поврзани со бурата беа пријавени и во Тексас, Тенеси и Канзас.
Според poweroutage.us, повеќе од 800.000 домаќинства беа без струја до недела попладне. Во исто време, FlightAware објави дека се откажани повеќе од 11.000 летови.
Обилни снежни врнежи, лапавица и замрзнат дожд, опасен феномен во кој изладените капки дожд веднаш замрзнуваат на површината, би можеле да траат со денови.
Бурата би можела да влијае на околу 180 милиони Американци, што е повеќе од половина од населението. Одделот за здравство на Луизијана во недела потврди дека двајца мажи починале од хипотермија.
Градоначалникот на Остин, Тексас, изјави дека пријавената смрт е поврзана со изложеност на студ. Службениците во Канзас изјавија дека жената, чие тело беше пронајдено покриено со снег во недела попладне, „веројатно подлегнала на хипотермија“.
Три смртни случаи поврзани со временските услови се пријавени во Тенеси.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, напиша на Икс дека најмалку пет лица во градот починале во саботата, но додаде дека причината за смртта сè уште не е утврдена.
Гувернерката на државата Њујорк, Кети Хочул, ги предупреди граѓаните да останат во затворен простор и да не ги користат патиштата.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, изјави во неделата дека државата доживува повеќе мраз и помалку снег отколку што првично се предвидуваше.
Метеоролозите предупредуваат дека една од најголемите опасности од оваа бура е мразот, кој може да скрши дрвја, да ги сруши далноводите и да ги направи патиштата исклучително опасни.
Во Вирџинија и Кентаки, властите реагираа на стотици сообраќајни несреќи.
И Канада беше погодена и од обилни снежни врнежи, при што стотици летови беа откажани. Службениците проценуваат дека помеѓу 15 и 30 сантиметри снег ќе падне во покраината Онтарио.












