Во Франција се уапсени 416 лица, вклучувајќи 283 во метрополитенската област на Париз, а седум полицајци се повредени, вклучувајќи еден сериозно во Ажен, објави министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез во саботата навечер по немирите што го одбележаа прославата на ПСЖ за освојувањето на Лигата на шампионите.
Министерот ги осуди инцидентите како „апсолутно неприфатливи“.
ФК Пари Сен Жермен ја освои својата втора последователна европска титула, по што започна голема прослава во француската престолнина. Околу 20.000 луѓе се собраа во саботата навечер на престижната авенија Шанзелизе во Париз, вообичаено место за прослави и собири во главниот град, а прославите беа обележани со немири и судири со полицијата.
Различни предмети беа фрлени кон полицијата во близина на авенијата, а имаше и инциденти во близина на населбата Порт де Сен Клад во близина на Паркот на принцовите, стадионот на ПСЖ каде што финалето се емитуваше на големи екрани пред повеќе од 48.000 навивачи.
Според полицискиот извештај, оштетени се шест возила и две деловни згради – една пекара и еден ресторан.
Навикната на насилните судири што често ги засенуваат големите настани, Франција распореди 22.000 полицајци за одржување на редот во главниот град. Минатата година, две лица загинаа, а речиси 200 беа повредени откако ПСЖ за прв пат ја освои Лигата на шампионите.












