Хаос на автопат во САД откако се преврте камион полн со мајмуни – речиси сите избегани животни се убиени/видео

138
Фото: канцеларија на шерифот на округот Џаспер

Автопат во американската држава Мисисипи беше во хаос во вторник откако камион што превезуваше мајмуни се преврте и животните избегаа, објавува „Си-ен-ен“.

Канцеларијата на шерифот на округот Џаспер објави на „Фејсбук“ дека сите освен еден од избеганите мајмуни се убиени, предупредувајќи дека животните биле „агресивни“. Сè уште не е јасно колку точно мајмуни имало во камионот во времето на несреќата, која се случила на меѓудржавниот пат 59 северно од градот Хајделберг.

Камионот превезувал резус мајмуни, кои тежат во просек околу 7,7 килограми и се едни од најпроучуваните животински видови за медицински цели. Тие биле сместени во Националниот центар за биомедицински истражувања на приматите на Универзитетот Тулан во Њу Орлеанс, кој рутински снабдува примати со научно-истражувачки организации. Не е познато кој ги транспортирал животните или каде биле носени.

Видео снимките од местото на настанот ги прикажуваат мајмуните како лазат низ висока трева по автопатот, додека наоколу биле расфрлани здробени дрвени гајби со ознака „живи животни“. Иако канцеларијата на шерифот првично изјави дека мајмуните пренесуваат болести, вклучително и херпес, Универзитетот Тулан го негираше ова, велејќи во соопштение дека мајмуните „не се заразни“.

Канцеларијата на шерифот одговори дека возачот на камионот им рекол дека мајмуните се опасни и дека треба да се ракуваат со лична заштитна опрема.

Универзитетот Тулан соопшти дека соработува со полицијата, а на местото на настанот бил и Одделот за рибарство и див свет на Мисисипи. Причината за превртувањето на камионот сè уште не е позната.

ИЗДВОЕНИ