Лошиот настап на поранешниот американски претседател Џо Бајден за време на дебатата, што резултираше со негово повлекување од трката за Белата куќа во 2024 година, се должеше на замор од патувањето и употребата на апчиња за спиење, тврди неговиот син Хантер Бајден.
Во интервју со новинарот Ендру Калахан објавено во понеделник, Бајден рече дека неговиот татко не бил во најдобра форма пред дебатата на 27 јуни 2024 година со тогашниот републикански кандидат Доналд Трамп.
„Ќе ви кажам точно што се случило во таа дебата“, му рече Хантер Бајден на независниот новинар Ендру Калаган во опширно интервју објавено во понеделник, точно една година откако Џо Бајден ненадејно ја повлече својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година.
„Во суштина тој леташе низ целиот свет… Има 81 година, уморен е како куче, му даваат Амбиен за да му помогне да заспие, а потоа оди на сцената и изгледа како да го заслепило светло од автомобил“, рече Хантер Бајден.
Настапот на Џо Бајден за време на дебатата беше обележан со нејасни, неповрзани одговори и рапав, низок глас што ги изненади гледачите и веднаш покрена прашања за неговата способност да служи уште еден мандат како претседател.
Малку повеќе од еден месец по дебатата, Бајден објави дека се откажува од трката, отворајќи го патот за потпретседателката Камала Харис да ја обезбеди претседателската номинација на Демократската партија.
Неговата кампања во тоа време тврдеше дека неговиот рапав глас е резултат на „настинка“.
Самиот Бајден подоцна го припиша својот слаб настап делумно на неговиот зафатен распоред за патувања во неделите пред дебатата со Трамп. Тој патуваше двапати во Европа во јуни, но се врати во Вашингтон речиси две недели пред дебатата.
Хантер Бајден е првиот член од внатрешниот круг на Бајден кој јавно ја поврза употребата на амбиен со настапот на неговиот татко на дебатата.