Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изрази сомневање за текот на тековните преговори со САД за нуклеарната програма на Техеран, велејќи дека Вашингтон прави „голема грешка“ со барањето целосна забрана за збогатување ураниум во оваа земја од Блискиот Исток.
Говорејќи на церемонијата по повод првата годишнина од смртта на поранешниот тврдокорен претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа, Хамнеи на 20 мај рече дека „не верува“ дека преговорите со САД за нуклеарната програма ќе вродат со плод.
Тој особено укажа на неодамнешните изјави на американски официјални претставници, вклучително и специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој минатата недела рече дека секој нов договор меѓу Вашингтон и Техеран мора да вклучува договор за откажување од збогатување ураниум – процес кој може да доведе до развој на нуклеарно оружје.
„Американската страна што учествува во овие индиректни преговори треба да разговара, да преговара и да се труди да не зборува глупости“, рече Хамнеи.
„Голема грешка е од нивна страна кога велат дека нема да дозволат Иран да збогатува ураниум. Никој не чека ничие одобрение за ова или она. Исламската Република има своја политика, има свои методи и следи своја политика… Темата за збогатување воопшто не е тема на преговори“, нагласи тој.