Иако заврши сезоната во Формула 1 и фокусот официјално се префрли на годината што доаѓа, во тимот на Ферари сè уште не владее мир. По разочарувачката кампања, сè погласно се доведува во прашање насоката на тимот, па сега и Маурицио Аривабене, поранешниот шеф на тимот на Ферари во Ф1, се вклучи во дискусијата.

Неговите зборови се особено интересни, бидејќи се однесуваат на Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион што пристигна во Ферари пред сезоната 2025, како проект што треба да ја врати титулата во Маранело, но чија адаптација досега се покажа како многу потешка од очекуваното.

Во текот на сезоната, Хамилтон јавно призна дека се вклучил силно во внатрешните процеси на тимот. По првите неколку трки, а подоцна и во текот на летото, тој испрати обемни документи до раководството на Ферари, во кои даде коментари и предлози поврзани со развојот на болидот. Тој зборуваше за моторот, предната и задната страна, но и за општите проблеми со кои се соочуваше додека возеше. Одржа серија состаноци со клучните тимски личности, вклучувајќи ги Фред Васер и техничкиот оддел, со јасна намера да го забрза напредокот.

Но, според Аривабене, тука лежи потенцијалниот проблем.

Поранешниот шеф на Ферари ја спореди ситуацијата на Хамилтон со периодот кога возеше Себастијан Фетел за тимот (2015-2020).

  • Фетел, исто така, имаше слични анализи. Тој пишуваше, зборуваше и ги споделуваше своите идеи – рече Аривабене, не криејќи го својот скептицизам.

Неговата процена беше остра, ваквите документи, според него, не донеле никаква корист на долг рок. Тој особено ја нагласи линијата што, според него, возачот не треба да ја премине.

  • Кога ќе почне возачот да глуми инженер, тоа е знак дека приказната е практично завршена – порача Аривабене.

Според неговото толкување, возачот може да обезбеди вредни повратни информации од патеката, но деталниот технички развој мора да остане во рацете на инженерите. Симулаторот и повратните информации од трките се важни алатки, но длабинските технички проблеми бараат експертска работа во фабриката.

 

ИЗДВОЕНИ