Луис Хамилтон не можеше да ја скрие својата фрустрација по уште еден тежок викенд за Ферари. Британецот претрпи серија судири, казни и повлекување во Саун Паоло, продлабочувајќи ја кризата во неговата дебитантска сезона во црвениот болид. Седумкратниот светски шампион признава дека веќе некое време се чувствува како да е заглавен во кошмар.
Хамилтон имаше два контакта – прво со возачот на Вилијамс, Карлос Саинц, а потоа и со Франко Колапинто од Алпин. Судирот со Саинц го испрати на крајот од стартната линија на почетокот од трката. Потоа го удри задниот дел од болидот на Колапинто, што ја влоши ситуацијата. Оштетувањето на неговото предно крило го принуди да влезе во бокс и да го замени, а доби и казна од пет секунди. Откако падна на последното место, трката веќе не одеше по негово темпо.
Ферари го повика во боксот за да се повлече во 38. круг, откако ја отслужи казната.
Подоцна, Хамилтон призна за „Скај Спортс Ф1“ дека се мачи да се справи со резултатите оваа сезона.
- Ова е кошмар, го живеам веќе некое време. Таа разлика помеѓу сонот да возам за овој неверојатен тим и кошмарот од резултатите што ги имавме, подеми и падови – тоа е предизвик. Но, ќе станам утре, ќе продолжам да тренирам и да работам со тимот. Навистина сакав да освојам добри бодови овој викенд, но ќе се вратам најсилен што можам во следната трка и ќе се обидам да го надоместам тоа, порача Хамилтон.
По оваа негова изјава се јави и претседателот на Ферари, Џон Еклан, кој порача дека нивните возачи треба повеќе да се концентрираат на возењењето отколку на зборувањето.
- Имаме возачи кои треба да се концентрираат повеќе, а да зборуваат помалку, бидејќи сè уште имаме важни трки пред нас, а второто место во шампионатот на конструктори не е невозможно, додаде претседателот на италијанскиот тим.
Сезоната на Хамилтон во Ферари, иако без подиум по 21 трка, имаше свои светли точки. Тој изгледаше поконкурентен од летото и честопати беше на исто ниво со Шарл Леклер. Но, Леклер, исто така, доживеа неуспех во Бразил, со што Ферари се спушти на четвртото место во пласманот на конструктори, зад Мерцедес и Ред Бул.











