Возачот на „Ферари“, Луис Хамилтон, изјави дека почувствувал олеснување кога дознал дека технички проблем со неговиот болид предизвикал слаб настап на трката за Големата награда на Шпанија во Формула 1.
Хамилтон стартуваше петти во Барселона пред две недели, но имаше проблеми со темпото и заврши шести, во трка во која мораше да го помине Шарл Леклер, кој го освои третото место, поради тимските наредби.
Седумкратниот светски шампион беше во лошо расположение по трката, што сугерираше дека недостатокот на брзина се должи на неговото возење, а не на боклидот, но шефот на тимот, Фредерик Васер, подоцна изјави дека имало проблем со неговиот болид.
Британскиот возач објасни што се случува на прес-конференција во Монтреал во четвртокот вечерта, но исто така се чинеше дека го критикува „Ферари“ што ги спречиле него и Леклер отворено да разговараат за проблемите со болидите.
- За жал, тимот навистина не сака да зборуваме за тоа, но двајцата имавме проблеми што навистина нè мачеа од половина од трката. Не знаев дека го имаме тој проблем, но реков на радио дека тоа е најлошото чувство во врска со болидот. И навистина беше така, истакна Хамилтон, објави Скај.
Хамилтон се пресели во Ферари од Мерцедес оваа година и не успеа да се искачи на подиумот по девет извозени трки. Неговиот најголем успех беше победата во спринт трката во Кина, во втората трка од сезоната. Од друга страна, неговиот тимски колега Леклер беше на подиумот во три трки.
Хамилтон рече дека не е очаен за добар резултат овој викенд во Канада, на патеката каде што има славено седум пати, вклучувајќи го и својот прв триумф во Формула 1.
- Секако, добриот викенд секогаш би бил добра работа. Но, не мислам дека очајно ми е потребен. Мислам дека изгледа многу полошо однадвор отколку што веројатно е однатре. Но, се надеваме дека ќе имаме добар викенд, додаде Хамилтон.
Шампионатот во Формула 1 продолжува со неделната трка во Монтреал, која е закажана за во 20 часот.