Луис Хамилтон не ја почитуваше тимската одлука на Ферари. Тој требаше да му ја отстапи позицијата на Шарл Леклер во последниот круг од трката во Азербејџан, но замената не се случи. Леклер заврши деветти, додека Хамилтон осми.
Ферари подготви различни стратегии за своите возачи на патеката во Баку. Леклер во завршницата го пропушти Хамилтон, така што седумкратниот шампион можеше да ги користи посвежите гуми со средна тврдост и да ги нападне возачите напред. Планот беше ако не функционира тоа, да се вратат позициите на крајот од последниот круг. Сепак, и покрај наредбите што доаѓаа преку радиоврската, Хамилтон и Леклер не го спроведоа договорот.
Хамилтон ја помина целната линија со предност од само 0,464 секунди пред својот тимски колега.
Радиокомуникацијата, која не беше прикажана во преносот, подоцна ја откри целата заднина на ситуацијата.
Инженерот на Леклер, Брајан Боци, прво рече: „Значи, Шарл, сакаме да ги замениме болидите на првата кривина и да му дозволиме на Луис да ги проба средните гуми“.
Пред почетокот на 51. круг, тој додаде: „Ќе се замениме на крајот од кругот на стартно-целната рамнина ако Луис не го направи престигнувањето“.
Потоа Боци нагласи: „Луис ќе те пушти на стартно-целната линија“.
Во исто време, инженерот на Хамилтон, Рикардо Адами, му рече: „Можеш да го пуштиш Шарл, тој е секунда и пол зад тебе“. Потоа додаде: „Ова е последниот круг. Зад него е Хаџар, две секунди, Шарл е 1,5 зад тебе. Пушти го“.
Хамилтон, очигледно, забави близу до целта, но Леклер, сепак, не успеа да помине напред.
Леклер, сепак, не направи драма околу пропуштената можност.
- Искрено, за P8 или P9 нема да биде голем проблем. Не ми пречи. Обично овие работи се договараат меѓу нас и според општите правила за тоа како сакаме да работиме кога станува збор за заменувањето. Овој пат не се случи, и тоа е во ред. Не би бил многу посреќен со осмото место. Значи, немам проблем – порача Леклер.