Преминувањето на Луис Хамилтон во тимот на Ферари не ги даде очекуваните резултати, барем засега. Седумкратниот шампион сè уште не завршил на подиумот на трка оваа сезона, а имаше уште еден фрустрирачки викенд на трката за Големата награда на Унгарија.
Откако повторно затаи во Q2, Хамилтон се прогласи за „бескорисен“ и дека на Ферари „им е потребен уште еден возач“. Неговото расположение не се подобри по трката, во која заврши дванаесетти, цел круг зад водечките.
Сепак, седумкратниот шампион и еден од најдобрите во историјата потврди дека нема да ја напушти сезоната на средина од шампионатот и дека ќе вози на трката за Големата награда на Холандија во Зандворт на крајот на август. Британецот има повеќегодишен договор со Ферари, со опција за продолжување на трета година.
Сепак, поранешниот шеф на Хас, Гинтер Штајнер, верува дека Хамилтон можеби нема да ја дочека ниту втората сезона од договорот ако ситуацијата не се подобри во тимот.
- Тој ја изгуби самодовербата. Ако повеќе не веруваш во себе, не можеш да возиш на врвно ниво. Само сетете се на моментот кога беше објавен неговиот трансфер во Ферари – тоа беше огромна фанфара, а и за мене лично. Седумкратен светски шампион во Скудерија, звучеше како бајка. Секако, и самиот имаше големи очекувања, но кога реалноста не ги исполнува очекувањата, ја губите самодовербата. Возраста, исто така, игра улога. Не стануваш побрз како што старееш, но Хамилтон сигурно може да вози на добро ниво уште неколку години. Меѓутоа, ако повеќе не уживаш во тоа, тогаш нема смисла. Подобро е да каже: „Се обидов, не успеав, се откажувам.“ Секако, болидот секогаш игра улога, но ова е Формула 1 и врвниот возач мора да се снајде со она што му е дадено. Ако болидот е тежок за возење во одредени сегменти, останува на возачот да се приспособи, а не обратно. Болидот е добар, нема изговори за Луис, порача Штајнер.
Поранешниот шеф на Хас исто така се осврна на втората полусезона во Ф1.
- Мислам дека летната пауза ќе биде момент на размислување за него. Можеби потоа ќе биде порелаксиран и ќе вози подобро. Но, можеби не – и тогаш лесно можам да го замислам како вели на крајот од годината: „Доста. Нема да си го правам ова уште една година“. Тој има многу интереси надвор од Формула 1 и е сам по себе е име. На многу возачи им е потребна Формула 1 како платформа. На Луис тоа веќе не му е потребно, и токму тоа му олеснува еден ден да ги затвори ролетните, додаде Штајнер.