„Хамас“ во неделата објави дека издал упатства до сите владини тела и институции во Појасот Газа да се подготват за целосно предавање на власта на независно палестинско технократско тело.
Портпаролот на „Хамас“, Хазем Касем, во телевизиско обраќање изјави дека одлуката следела по објавувањето на намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да формира мировен совет за Појасот Газа. Касем нагласи дека одлуката на движењето да се откаже од контролата врз државните институции е „јасна и конечна“, пренесе „Кликс“.
Тој додаде дека се издадени упатства за да се олесни непречен процес на предавање, со цел да се обезбеди успешна работа на технократската администрација, и го опиша потегот како чин во согласност со „повисокиот палестински интерес“.
Тој, исто така, изјави дека овој чекор е во рамките на спроведувањето на планот што доведе до прекин на војната во Газа, кој беше потпишан во Шарм ел Шеик.
Касем потсети дека палестинските фракции претходно се согласиле да го префрлат управувањето со Појасот Газа на привремен палестински комитет составен од независни личности и експерти од областа. Овој договор беше постигнат на состанокот одржан во Каиро на 24 октомври.
Фракциите, исто така, повикаа на развој на обединета национална стратегија насочена кон ревитализација на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО) како единствен легитимен претставник на палестинскиот народ и обезбедување на нејзина водечка улога во следната фаза.












